За клучни предмети антикорупционерите чекаат одговор од институциите и по три години. Прифатени се само 30 отсто од нивните препораки, барања и иницијативи, а се одбиени важни препораки и мислења за кои сметаат дека би биле одлучувачки за некои состојби. Укажуваат дека, многу нивни предмети се заглавени, а тие се дискредитирани и обвинувани дека ги надминуваат своите надлежности.
Антикорупциска пред уставните судии летово го оспори „специјалниот закон„, со кој преку директна спогодба, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“требаше да се прогласи за стратешки инвеститор, а изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Прилеп – Битола, за национален интерес. Според антикорупционерите, тоа ја отвора вратата за евентуално коруптивен договор и ја повикаа Владата да се откаже од нивно ангажирање.
Од Уставниот суд демантираат дека не постапуваат. Велат дека тој е оформен уште на 26 јули и се побарани мислења од владата и другите институции, за кои се потребни и по 20 дена да се добијат. Ќе биде ставен на дневен ред кога ќе се соберат потребните документи.
Обвинителството, пак, досега отвори само предистражна постапка за предметот на Антикорупциска за случајот „Холидеј Ин“ каде се опфатени поранешни градоначалници, вработени во општината и Министерството за транспорт и врски и планери. Постои сомнеж дека ја злоупотребиле службената положба и овозможиле носење на детален план кој не е усогласен со генералниот.
Во однос на ДИК, сомнежите на антикорупционерите од 2019 се дека намерно не се организирале отворени повици за набавка на избирачки материјал, туку постојано, од неоправдани причини, се одело на непосредно договарање со печатниците при што членови на Државната изборна комисија се стекнале со стотици илјади евра
Од комисијата чекаат одговор и за препораките за разрешување на одговорни лица, за ограничување на дискреционите права на одговорните лица, за промена на начинот на избор на директори и членови на управни одбори и многу други. Во Извештајот на Европската комисија Антикорупциската комисија е пофалена за превенцијата на корупција и за отворање на предмети за службеници од високо ниво. Но, и таму е забележано дека треба да се зајакнат заложбите и на останатите институции.
Далиборка Демјанска