Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска и утре ќе го одржи 15. состанок во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот. Средбата ќе се одржи во изборен период во двете земји.
Последниот состанок беше одржан во јуни месец, кога македонскиот тим во Комисија оцени дека ги имале најтешките разговори досега, односно дискусијата за учебниците по историја и усогласување на препораките за нивно подобрување.
Од македонска страна беа дадени предлози засновани на современите разбирања за историското образование подржани од Советот на Европа и УНЕСКО во кој се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кој се покажале како применливи во надминување на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото. Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи.
Во однос на дискусијата за заедничките чествувања, Комисијата отвори дискусија и за Григор Прличев, откако претходно бугарската страна не прифатила оваа личност да биде чествувана од страна на Македонија, Бугарија и Грција. И покрај овие сериозни пречки во работата на Комисијата, од македонскиот тим велат дека остануваат посветени на решавање на историографските прашања.