Договор за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел може да биде постигнат во рок од 24 часа, изјави денеска извршниот секретар на Централниот комитет на Фатах, Џибрил Раџуб. Напорите на арапските земји предводени од Египет беа крунисани со успех во форма на нацрт договор за примирје што може да стапи на сила, посочи Раџуб.
Но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера тврдеше дека неговата земја е решена да ја продолжи операцијата се додека не бидат вратени мирот и стабилноста.
Под притисок на меѓународната јавност, американскиот претседател Џо Бајден вчера јавно му порача на Нетанјаху дека очекува Израел да ја деескалира ситуацијата до крајот на денот. Тоа секако не се случи, по вчерашниот телефонски разговор меѓу Бајден и Нетанјаху, израелската авијација изврши повеќе од 100 воздушни напади во Газа. Но САД немаат друг избор затоа што не можат да извршат притисок врз Израел да не одговори на ракетните напади на Хамас, од една страна, а од друга страна, немаат никаков контакт со Хамас за да го принудат да го запре ракетирањето.
Влијанието на администрацијата врз Хамас е занемарливо. Немаат никакви контакти со нив. Палестинците со кои контактираат немаат никакво влијание врз Хамас, и затоа навистина е приморана да работи преку арапските земји кои што можат да посредуваат, како Египет и Катар, вели Метју Ли, експерт за американска дипломатија на Асошиејтед Прес.
До сега Бајден се обидуваше оддалеку и дипломатски да ја менаџира ситуацијата на Блискиот Исток, не сакајќи да биде вовлечен во безуспешните напори за постигнување мир во регионот, стапица во која се фатија многу негови претходници, трошејќи драгоцено време од своите мандати без поголем успех. Но, притисокот врз Бајден се зголемува како што продолжува израелската воена операција во Газа. Меѓународната заедница очекува од САД, како најголем израелски сојузник, да го притисне Израел да го запре насилството. Неаздоволството од неговиот пристап кон ситуацијата расте и во американскиот Конгрес, особено кај челновите од неговата партија.
Значи администрацијата е под притисок од сите страни и мислам дека почнува полека да одговара на повиците за поголем ангажман, за поголема вклученост, вели Ли.
Најмалку 227 лица ги загубија животите во израелските воздушни напади во Газа, од кои повеќе од 100 се жени и деца. Израел тврди дека успеале да ликвидираат 150 милитанти на Хамас во Газа, но палестинската организација не ги објавува жртвите во редовите на своите борци. Во Израел пак загинаа 12 лица, од кои две деца, од почетокот на размената на оган, од кога Хамас кон Израел испали речиси 4.000 ракети.
Игор Трајков