Израел соопшти дека ги нападнале куќите на командантите на Хамас, откако судирите со палестинските милитанти во појасот Газа влегоа во 10-тиот ден.
Израелската војска соопшти дека повеќе пати се обиделе да го убијат командантот на военото крило на Хамас, Мохамед Деиф.
Истовремено и Хамас продолжи со ракетните напади на израелската територија а цел била воздушна база во јужниот дел од Израел.
Обидите за постигнување примирје продолжуваат зад сцената, но со слаб успех.
Франција, во координација со Египет и Јордан, поднесе резолуција до советот за безбедност на ОН, со која побара крај на насилствата.
Но, најверниот и најмоќен сојузник на Израел, Соединетите американски држави во континуитет ги блокира обидите за издавање заедничка изјава на Советот за безбедност, тврдејќи дека тоа нема да помогне во деескалација на насилствата. Администрацијата на Бајден повикува на примирје, но останува впечатокот дека на терен им дава време на Израелските сили да ги постигнат своите воени цели.
Во текот на минатата ноќ, израелските авиони извршиле повеќе од 70 воздушни напади, против инфраструктурата на Хамас, при што биле убиени најмалку 2-ца милитанти.
50-тина од овие напади биле насочени кон градот Кан Јунис, во појасот Газа.
Израелската армија тврди дека повеќе од 3750 ракети биле истрелани од појасот Газа, по почетокот на судирите. 550 од нив завршиле на територијата на Газа, додека системот за ракетна одбрана на еврејската држава “Железна Купола” соборил 90% од проектилите кои преминале на територијата на еврејската држава.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, тврди и дека досегашниот тек на воената операција постигнал значајни резултати, ослабувајќи ги позициите на Хамас за подолг период.
Светската организација предупреди и на растечкиот број на палестинци кои се принудени да ги напуштат своите домови заради судирите, како и на штетата која се нанесува во критичната цивилна инфраструктура , како болниците и училиштата.
“Минатата ноќ, добивме исклучително загрижувачки извештаи за дополнително уништување на цивилната инфраструктура во Газа, вклучувајќи ја и централнта лабораторија за тестирање за Ковид-19 и други здравствени и хуманитарни објекти. Исто така, постојано добиваме информации за значајно раселување на Палестинците во рамките на појасот Газа. Повеќе од 58 000 мажи, жени и деца се раселени, од кои 47 000 побарале заштита во некои од 58-те училишта на агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци во Газа” – изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Воениот конфликт и бомбардирањето на Газа, покрај човечките жртви има и повеќе други последици, кои на долг рок драматично ќе ја отежнат и онака тешката позиција во која живеат Палестинците.
Резервите на лековите, гориво и вода за пиење неопходни за живот во појасот Газа се при крај. Во оваа област живеат повеќе од 2 милиони Палестинци, кои откако Хамас ја презеде власта во 2007-та година се под Израелско – Египетска блокада.
Во нападите на Израелците предизвикана е материјална штета и во најмалку 15 болници и клиники, потврди светската организација.
Никола Илиевски