Антикризните мерки се изгласаа за само неколку минути, откако во Собранието влегоа и пратеници позитивни на Ковид-19, облечени во скафандери. Мирослав Богдановски дојде со сопствено возило, додека Бисера Костадинова од Битола пристигна со возило на Брза помош, кое неколку часа ја чекаше пред собраниската зграда. На влезот не им беше измерена температура, што не беше случај со останатите посетители во законодавниот дом. Гласаа од посебни кабини.
Апасиев од Левица му мавташе со деловникот пред лице на Џафери, а ВМРО ДПМНЕ бараа објаснување.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ не одговори по кој протокол се донесени пратеници болни од Ковид-19 во Собранието, но кажа дека имаат дозвола од Комисијата за заразни болести.
Откако почна седницата, во салата влегоа и ВМРО ДПМНЕ, по што законите се носеа како на брза лента. Опозицијата одби да влезе на претходната седница. За помалку од половина час беа завршени две седници и донесени триесетина закони. Меѓу нив се законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, како и на работодавачите, погодени од кризата, за исплата на плати за месеците февруари и март годинава. Донесен беше и Законот за изменување на Законот за данокот на личен доход. Заинтересираните лица ќе можат да аплицираат за оваа помош до 30 април годинава.
Далиборка Демјанска