Македонија

На увид проектот за згради кај „Холидеј Ин“ – граѓаните поделени во ставовите

Четиристотини станови, 1200 жители во три згради со зеленило наоколу. Проектот кој со денови наназад е актуелен – денес е на увид на јавноста. Инвеститорот покажа што сѐ треба да има на просторот каде што сега има паркинг.

Илјада паркинг места се предвидени за возилата за кои влез ќе има на улица 2, односно оформената пристапна улица од улицата Мирче Ацев, а излез на кејот.

Според информациите, повеќе од 6500 метри квадратни ќе бидат зеленило околу трите згради со станови за домување и деловен простор.

„Имаме 805 жители на хектар, а ние овде имаме нешто над тие 805 жители на хектар. Така што, тука не ја гледам дилемата. Не е преголема бројката од 1200 жители за волкава локација“ вели Мартин Пановски, архитект. 

 

„Во Деталниот урбанистички план во моментов не е предвидено ниту училиште, ниту градинка. Не е предвидено ниту во стариот, ниту во новиот ГУП. Училишта и градинки во радиус од сто метри има по две основни училишта и две градинки“ вели Илија Божиновски од „МГ Фешн“.

А, поделеноста во јавноста околу целиот проект станува сѐ поголема. До денес речиси десет илјади жители се потпишале на онлајн петицијата со наслов „НЕ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел „Холидеј Ин“.

Но, не само на интернет туку и на терен е очигледен контрастот во мислењата и ставовите.

„Шеесет години живееме на овие простори и условите се катастрофални. Како прво, немаме канализација, шеесет години не ни дозволуваат ниту да санираме или нешто да доградиме. Куќава е од татко ми, од дедо ми, тука сме староседелци и редно е ова да се направи како Сити (град)“ изјави Лазар Органџиев, жител на Ново Маало.

Наспроти мислењето на Органџиев дека на овој дел од градот му е потребна сериозна урбанизација, други граѓани велат дека не смее ниту да се помислува на такво нешто во и онака преизграденото Скопје.

Некои од нив сметаат дека време е градот да почне да се шири онаму каде што не е изграден, а имаат и други идеи.

„Нешто полудо не може да биде. Ние вака немаме каде да се завртиме, уште згради да направат! Зграда до зграда, зграда до зграда, до каде?! До каде ќе оди ова?“

 

„Овој стар дел на Скопје јас би го оставил како што е, со тоа што мислам дека државата треба да дададе некои поволни кредити за мештаните, за домашните, да си инвестираат и во истиот стил да си ги реновираат куќите. Тие висококатници би ги ставил некаде малку подалеку од центарот затоа што центарот ни е целосно веќе заглавен.“

Во меѓувреме, група граѓани побараа и од премиерот да ја запре изградбата пред „Холидеј Ин“. Од Иницијативата дел се и универзитетски професори и архитекти, како и граѓански организации и тие упатија јавен повик до премиерот Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план во кој е дел и паркингот спроти хотелот.

Во барањето прозвани и се и Транспорт и врски и Град Скопје да се произнесат дека нема да издадат согласност за ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фетаи: Нашиот пат никогаш не минува преку Али Ахмети

Дејан Дејан

КОД: Истрага за еколошки последици од мазутот на РКМ за ТЕЦ

Дејан Дејан

Секој четврти млад невработен – компаниите бараат усогласување на образованиeтo со пазарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе