Вести Македонија Најважни

ДКСК му порача на Богдановиќ да го суспендира спорниот ДУП со висококатниците кај Холидј ин

Богдановиќ да не дава градежна дозвола за изградба на висококатниците кај Холидеј ин за план кој не во согласност со Генералниот урбанистички план и веднаш да побара од министерството за транспорт суспензија на спорниот ДУП.

Ова е препораката која ја доби Градоначалникот на Центар од Антикорупциска, откако побара помош од нив и  јавно кажа дека не може сам да се бори против висококатниците кај Холидеј ин. Антикорупциска им забележа на институциите дека изминатиот период повеќе работеле на бавни преписки и на правни недоречености наместо да работат на суспензија на спорниот ДУП.

Богдановиќ пак тврди дека се направил. Ги повика другите институции да си ја работат работата.

Вчера пак на „Топ Тема“ на Телма, архитектот Мартин Пановски за прв пат јавно го објави идејното решение. Рече дека со зеленилото по терасите ќе се запази и процентот од 20 насто зелен простор.

Исто како и Антикорупциска и Мишко Ралев од Асоцијацијата на архитекти на вчерашната „Топ Тема“ кажа дека нивниот став е дека ДУП-от треба да биде суспендиран. Тие стравуваат дека реализацијата би довела до сериозен сообраќаен хаос во главниот град.

А идејното решение на архитектот Пановски наиде на критики на социјалните мрежи. Граѓаните покрај што се против градбите, коментираат и дека идејното решение е плагијат. Извадија и слика од зграда во Австрија  која е идентична на таа што треба да се гради кај „Холидеј ин“. Но, Пановски за Телма вели дека не крадел идеја од никого.

Ова е идеен предлог. Вертикално зеленило е светски тренд во архитектурата. Најверојатно и за првата стаклена фасада во Македонија зборувале исто дека е плагијат на нешто. Или можеби не, друго време – изјави Пановски.

 И додека граѓаните се мобилизираат против високатниците, МПЦ се уште не расправала за прашањето дали е етички црквата да профитира од плацот кај Холидеј ин. Прашањето не било ставено на дневен ред до сега, а тоа можел да го направи Поглаварот или да побара некој друг. Црквата во замена за квадратитите кои ги отстапи на инвеститорот МГ Фешн треба да добие 2.000 метри квадратни станбен и уште толку деловен простор.

Владиката Тимотеј за „Телма“ изјави дека не е спорно црквата да прави профит оти и тие се луѓе и институција како другите.

Ние не можеме да удоволиме на над 1 милион различни размислувања. За граѓаните ако градиш не си добар – ако рушиш добар си. И граѓаните зависи кој како ќе ги инструира. Дали ние јадеме, пиеме се облекуваме?! Како не може да правиме профит – и  ние сме луѓе, и ние сме институција и ако имаме отповеќе сме помагале и ќе помагаме“ – изјави за Телма Владиката Тимотеј

И додека надлежните си ја префрлаат топката, граѓаните негодуваат и собираат потписи да се спречи изградбата на висококатниците. На петицијата „не“ за бетонски чудовишта спроти „Холидеј ин“ за кратко време потпис ставија над 8.500 граѓани.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Папата Лав XIV ја започна својата понтификална служба со свечена миса во Ватикан

Дејан Дејан

Наскоро ќе биде објавена листата си нови лекови на сметка на фондот

Дејан Дејан

Романците гласаат во одлучувачки втор круг на претседателските избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе