Најголем дел од пасошите откриени како нелегално печатени на странци со податоци од отселени македонски државјани се уште ниту се активирани, а во ситемот на управните служби се водат како неподигнати. Ова вчера беше објавено во емисијата КОД на Телма, а според нашите информации –пасошите всушност се подигани на шалтерот во МТВ од еден од притворените во акцијата „Двојник“.
За да се активира пасош и да може да се користи за премин на македонската граница при подигање мора да се потврди со отпечаток на носителот на патната исправа. Но тука процедурата е прескокната бидејќи пред се криминалците ги употребувале македонските пасоши во други држави, а не за преминување на границата кај нас. Најголем дел од украдените идентите се од македонски државјани кои после 2007-ма не ваделе биометриски документи, а станува збор за државјани од соседните балкански држави иако имало дури и еден од Германија.
Истрагата е почната во февруари 2019-та, а е интензивирана во скопското обвинителство лани во февруари. Сега се бараат докази за вмешаност на други поединци од МВР и од сродни институции, а досега не е осомничен повисок функционер од одобрувач на пасоши бидејќи истрагата засега не утврдила органбизираност на групата. Посредникот Раиф Мифтари е во бегство.
Опозицијата смета дека власта е одговорна за скандалот кој го нарекува Мафија и бара оставки и политичка одговорност за скандалот. СДСМ пак тврди дека оваа но и други истраги покажале дека функционира правдата во борбата против криминалот.
Од обвинителството не даваат нови детали за истрагата и наведуваат дека аферата со нелегални пасоши интензивно се расветлува. Обвинителството истражува и како од истрагата протекле документи кои беа објавени во јавноста. Од финансиската полиција нема предмет за финансиската состојба на вработените во МВР кои се притворени ниту пак е побарана финансиска истрага поврзана со предметот Двојник.
Миомир Серафиновиќ