Министерството за труд и социјална политика упатило писмено барање до Министерството за здравство со цел во приоритетните групи за вакцинирање да бидат и вработените и корисниците во домовите за згрижување на стари лица, како и во установите за згрижување на лица со попреченост.
Тоа барање било одобрено , по што Министерството за труд и социјална политика, на почетокот на месецов, до Министерството за здравство достави списоци на вработени и на корисници од сите јавни и приватни старски домови коишто дале согласност да бидат вакцинирани.
“Дополнително, доставивме и списоци од вработените и корисниците од ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, ЈУ Специјален завод Демир капија и ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско.
За вработените лица обезбедена е лична согласност за вакцинација, додека за лицата со попреченост, во зависност од потребата, обезбедена е согласност за вакцинација од родител или од старател.
Најдоцна до утре ќе бидат доставени и податоците за вработените во јавните установи за згрижување на деца во предучилишна возраст” – соопшти Министерството за труд и социјална политика.