Војвотката Меган Маркл и принцот Хари кој се откажа од кралското семејство во Британија се жалеа, култната ТВ водителка ги слушаѓе и потпрашуваше, а американската ТВ публика се „насладуваше“ на уште едно големо ТВ шоу.
Но зборувањето не беше ефтино, констатираше Вашингтон Пост. Целото ТВ шоу заврте милиони долари.
Според весникот, Опра Винфри која го правеше интервјуто преку сопствена продукција за премиерата има добиено од CBS меѓу 7 и 9 милиони долари.
За возврат, според Пост, рекламите од половина минута се продавале за 325 илјади долари или дупло повеќе од регуларната цена за реклами за тој термин.
Кога ќе се пресмета дека за телевизиски формат во должина од 2 часа, има можност да се пуштат околу 24 минути реклами излегува дека само од реклами телевизиската мрежа заработила околу 15,6 милиони долари. Или двојно повеќе од платеното за едно емитување.
Претставник за медиуми на двојката Хари-Меган соопшти дека за интервјуто не се компензирани.
Се уште не е објавен рејтингот и гледаноста на интервјуто кое предизвика огромно внимание за самонаречената „Сасекс ројал“ двојка. Интервјуто одеше во гледаниот неделен вечерен термин, кога на CBS се емитува најгледаната американска информативна емисија „60 минути“ која е единствена новинарска емисија што постојано се изборува за место во топ 10 најгледани програми во недела навечер, во битка со реални шоуа како Идол или Талентирани, и со гледани телевизиски серии.
Упатените за Вашингтон пост велат дека моќната ТВ икона Опра Винфри ја избрала мрежата користејќи ги личните блиски врски со менаџери на CBS. Врската им донесе милиони.