Полицијата отвори оган на демонстрантите во Мјанмар, убивајќи најмалку 18 лица, во најсмртоносниот ден од почетокот на протестите против воениот удар во оваа јужноазиска држава.
Смртни случаи се регистрирани во градови Јангон, Давеи и Манделеј, откако полицијата употребила боева муниција, гумени куршуми и солзавец.
Безбедносните сили започнаа со интервенцијата уште синоќа, по повеќенеделните, претежно мирни протести против преземањето на власта во државата од страна на војската.
Цивилните лидери, вклучувајќи ја и нобеловката Аунг Сан Су Чи беа соборени од власта и приведени.
Насилството беше очекувано во Мјанмар, државата претходно позната како Бурма, откако воените лидери на државниот удар најавија дека ќе преземат остри мерки за прекинување на кампањата на граѓанска непослушност, која не покажуваше знаци на прекинување.
Според канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, најмалку 18 луѓе се убиени во полициската интервенција, иако на социјалните медиуми се пренесуваат информации за поголем број на жртви во насилството. Повеќе десетици луѓе се повредени, додека голем број демонстранти се и уапсени.
Цивилната лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи не се појави во јавноста откако беше приведена на почетокот од воениот удар.
Нејзините подржувачи и голем дел од меѓународната заедница, бараа нејзино итно ослободување и обновување на резултатите од изборите во Ноември, на кои нејзината партија, Национална Лига, убедливо победи.
Таа утре треба да биде изведена пред суд, каде треба да одговара по обвинението кои наликува на пародија – за поседување на непријавени воки токија и прекршување на правилата за однесување во текот на пандемијата.
Нејзиниот адвокат информираше дека досега немал никаква можност да разговара со својата клиентка.
Воените лидери го оправдуваа преземањето на власта во Мјанмар со наводниот масовен изборен фалсификат на изборите , тврдење кои ги отфрли изборната комисија.
Надвор од границите на државата, воениот удар беше жестоко осудуван и предизвика санкции против војската и други остри мерки.
Никола Илиевски