Соочена со драстичниот пораст на бројот на заразени заради исклучително вирулентната британска варијанта на корона вирусот и преполнетите болници, Чешката република, една од најтешко погодените земји во Европската Унија, ќе ја спроведе неизбежната мерка: воведување на најстрогиот локдаун од почетокот на пандемијата.
Чешкиот премиер, Андреј Бабиш, оцени дека новите мерки се неопходни за да се заштитат животите на граѓаните.
“Разбирам дека ова е голем товар за сите нас и не сме среќни заради ова, но доколку не го направиме, целиот свет ќе види Бергамо во Чешката република, затоа што нашиот здравствен систем нема да може да се справи со кризата” – изјави чешкиот премиер, Андреј Бабиш.
Бабиш призна дека владата направила грешки во справувањето со пандемијата во минатото , но ги повика чешките граѓани да ги почитуваат правилата кои ќе стапат на сила во понеделник и ќе важат 3 недели.
Владата ќе го ограничи движењето на луѓето и ќе им забрани да патуваат во други држави освен доколку тоа не е неопходно заради работа или за да се грижат за своите роднини.
Доколку луѓето излезат за да спортуваат или пак во прошетка, тие сепак не смеат да ја напуштат својата општина. Дополнително, ќе се затворат градинките и училиштата за деца со попреченост , кои досега работеа слободно. Дозволено ќе биде работат единствено продавниците со неопходните производи.
Група научници и здравствени работници во Чешка, веќе подолго време апелираа до владата во Прага да воведе остри рестрикции за да се намали бројот на дневно регистрираните позитивни случаи до 1000 лица.
Вчера беа евидентирани нови 14 600 случаи, што е за речиси 3000 заразени дневно повеќе во споредба со претходната недела.
Чешкиот министер за здравство Јан Блатни предупреди дека бројот на дневно позитивни случаи може да се зголеми до 20 000 луѓе во наредната недела, пред новите мерки да имаат ефект.
“Она што ни е главна цел за наредните три недели, во кои ќе важат новите мерки е да ја спуштиме кривата на бројот на заразени” – изјави чешкиот министер за здравство, Јан Блатни.
Влошувањето на ситуацијата во Чешка е предизвикано од ширењето на британската варијанта. Од над 7-те илјади пациенти болни од Ковид-19 во чешките болници, рекордни 1531 се во одделенијата за интензивна нега.
Мината недела во државата беа потврдени и првите случаи на позитивни луѓе, заразени со варијантата првично детектирана во Јужна Африка.
За да го избегне колапсот на здравствениот систем, кој е под силен притисок, владат на Бабиш разговара со властите во Германија и Полска за можноста да испрати дел од болните со Ковид-19 во соседните држави, бидејќи чешките болници се блиску до својот максимален капацитет.
Во Чешка, нација од 10,7 милиони жители, досега се регистрирани 1,2 милиони позитивни на корона вирусот и речиси 20 000 смртни случаи.
Никола Илиевски