Универзитетот Оксфорд планира да започне со тестирање на ефектот на вакцината АстраЗенека кај деца. Тестовите треба да покажат дали оваа вакцина е ефикасна кога се дава на деца на возраст од шест до 17 години, а истражувањето ќе вклучи 300 волонтери од кои 240 ќе ја примат вакцината а останатите ќе добијат контролна вакцина за менингитис. Иако кај повеќето деца заболувањето не развива тешки симптоми, сепак важно е да се има претстава за ефикасноста на вакцината кај деца кои имаат повисок ризик од заболување, посочуваат од универзитетот.
Широката употреба кај деца за да се спречи тешко заболување кај повеќето од нив, се чини како непотребна. Сепак постои можност широката употреба во иднина да биде искористена како опција за да се спречи напредокот на пандемијата, вели Ендру Полард, Директор на групата за вакцина на Универзитетот во Оксфорд.
Влатите во над 50 земји ја одобрија употребата на вакцината на Оксфор и АстраЗенека кај лица над 18 години, иако германските регулатори посочија дека нема доволно докази за нејзината ефикасност кај лицата постари од 65 години. Но од Оксфорд остануваат на трвдењето дека нејзината ефикасност е одлична кај сите старосни групи.
Еден од проблемите е што луѓето, како што кажавте тоа е многу невообичаено кај развојот на вакцина, се возбудуваат со секоја нова информација. Но тоа што регулаторите го прават и што Светската здравствена организација го прави, ги разгледуваат сите податоци во обидот да ги донесат најдобрите одлуки како да се употребува вакцината, посочува Полард.
Оксфорд и АстраЗенека се последните во низата производители на вакцина против Ковид-19 кои започнаа истражување за нејзината ефикасност кај децата. Фајзер Бионтек, чија вакцина веќе е одобрена за употреба кај деца од 16 години, уште во октомври започна истражување за ефикасноста кај деца над 12 години а слично такво истражување започна и Модерна во декември.
Игор Трајков