Во Собранието во тек е расправата по интерпелацијата за работата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата истакна дека очекува таа да биде прифатена поради, како што рече, тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство.
-Ова владејачко мнозинство како ветување број 1 имаше почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021 дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога и дали воопшто ќе ги почне е најголемо фијаско што можеше да и се случи на оваа Влада, рече Николовски, дополнувајќи дека за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата.
Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам и лага е дека сум одбил да присуствувам на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, со која раководи Антонијо Милошоски, кажа вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров во експозето за неговата интерпелација, поднесена од опозицијата во Собранието.
„Вие тврдите дека сум бил уредно поканет на седница на Комисијата за надворешна политика, сум бил должен да се појавам, а јас сум одбил. Тоа е апсолутна лага, по сите основи. Сакам да бидам кристално јасен, по сите основи. Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам, лага е дека сум одбил да присуствувам“, кажа Димитров, додавајќи дека според Деловникот на Собранието, ако на седница на работно тело не се разгледува закон или предлог-закон, тој може, но не мора да присуствува и затоа е бесмислено да одговара за нешто што не е задолжително.
Станува збор за седница на Комисијата за надворешна политика која Милошоски ја свикуваше да се дебатира за спорот со Бугарија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ стави до него картонска макета од Димитров на седницата на 12 ноември.
Понатаму во експозето, вицепремиерот кажа дека немаат логика работите за кои што го обвинуваат.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за ширење лажни вести за позиции или одлуки на други земји или меѓународни организации.