Бројот на здравствени работници позитивни на Ковид веќе стигнува до три илјади од почетокот на пандемијата до денес. Најизложени се на вирусот, a голем број од нив и самите имале искуство со него.
Распространети се низ сите градови во земјава, како и останатите потврдени случаи до сега – повеќе од осумдесет илјади.
Скопје како најнаселен град во земјава е очигледниот лидер и по активни случаи и по новозаболени, но и во сите вкупни статистики.
Тетово, Куманово, Прилеп, Гостивар, Штип и Битола се останатите водечки според бројот на најмногу регистрирани случаи.
А, највисок морталитет или смртност според бројот на население има во Прилеп, Струга, Крушево и Охрид.
Извештајот на Институтот за јавно здравје покажува дека во однос на полот кај луѓето кај кои е дијагностициран Ковид – бројката е речиси изедначена.
Од вкупниот број 85.594 инфицирани лица – кај мажите се направени за илјада повеќе позитивни тестови.
До заокружена бројка од 500.000 – бавно, но сигурно се приближуваме и по бројот на тестирани примероци од февруари лани – до сега. Најцрн ден според статистиките на епидемиолозите во Институтот е деветти декември кога починаа точно 46 луѓе.
Пандемијата досега однесе 2.592 животи.
Регистрирани се седум смртни случаи кај бремени жени и 22 смртни случаи кај здравствени работници. Од пријавените случаи – 161 починале во вонболнички услови, а 2.389 починале за време на хоспитализација.
Кај повеќе од 80% регистрирани биле претходни заболувања. Како најчеста причина се споменуваат кардиоваскуларните болести, дијабетот и белодробните заболувања.
Извештајот на Министерството за здравство за изминатото деноноќие во однос на болничките капацитети покажува дека во изминатите 24 часа во Ковид-центрите се лекуваат 426 пациенти позитивни и сомнителни на Корона.
Слободни се околу 450 болнички кревети. Од Министерството уверуваат дека има начин одделенијата дополнително да бидат проширени доколку увидот во состојбата со капацитети покаже дека има потреба.
Петар Догов