Вести Топ вести

Многу страдања во годината на пандемијата, но и триумф на човековата хуманост

2020-та, година кога светот повторно се потсети на страотниот збор – пандемија. На 31-ви декември 2019-тата, Кинески власти до Светската здравствена огранизација, доставија информација за неколку десетици случаи атипична пневмонија предизвикани од досега непознат вирус – кој подоцна светот ќе го научи и запамети под името Сарс-ков 2 или поточно корона вирус.

Првите случаи беа регистрирани во кинескиот град Вухан. Властите на 1-ви јануари го затворија пазарот каде се појави првите инфекции, но веќе беше предоцна.

Како шумски пожар при силен ветер, вирусот драматично се прошири во Вухан,  но и други кинески провинции. Откако неколку недели уверува дека вирусот е под контрола, кинеските власти ги ставија во целосен карантин 11-те милиони жители на Вухан, во која останаа цели 76 дена.

Почетокот сугерираше вирусно заболување некаде далеку, без опасност за останатиот дел од светот.

Набргу тоа се смени, откако Италија, поточно провинцијата Ломбардија стана првото големо европско жариште, потоа и сите Европски земји, Соединетите американски држави , Јужна Америка – со еден збор глобална пандемија која од корен го промени начинот на живот на планетата.

Една година подоцна, во целиот свет, од Ковид -19 се заразија над 80 милиони луѓе а животот го загубија повеќе од еден милион и 800 илјади лица.

Се затвораа границите, замре авионскиот сообраќај и здравствената криза се претвори и во голема економска криза, милиони луѓе останаа без работа и приходи за живот.

Компјутерските симулации на научниците демонстрираа како и со колкава брзина се шири вирусот и ги навестија трите клучни мерки, покрај драстичните карантини и локдауни, за спречување на неговото ширење надвор од контрола – носење маски, често миење на рацете и најтешката препорака за луѓето – ограничување на контактите и социјалното дистанцирање.

Звучи едноставно, но во време на секакви теории на заговор и лажни вести, нивното спроведување беше пеколно тешко.

Соочени со драматичниот пораст на смртните случаи во своите општини и преполните болници, градоначалниците на помалите градчиња во Италија, започнаа да го губат трпението со своите сограѓани кои баш и не ги почитуваа мерките и со видео пораки, најблаго кажано – изразија бес и незадоволство.

“Мора да останете дома, не смеете да сте тука. Немој да ме гледате така.  Мора да одите дома, не е дозволено да сте надвор. Ајде, одете си.

 

Каде одите луѓе со овие кучиња, кои како да имаат запек! Мора да останете дома! Луѓето умираат, разбирате ли вие?  Сакате ли сите да се разболиме?

Вие сте неодговорни, кретени, огромни кретени!

 

Дознаваме дека стотици ученици се организираат. Дознав дека се подготвуваат да прославуваат матурска..

Луѓе, ќе ви пратам карабинери и тоа со пламенофрлачи!”

Сепак, пандемијата јасно го покажа и најдоброто кај луѓето, емпатијата, љубовта и сочувството. Токму во Италија, во екот на жестокиот удар на пандемијата и долгиот и мачен карантин, како знак на поддршка на медицинските работници и своите сограѓани кои тешко ја поднесуваа изолацијата и осаменоста, стотици граѓани излегоа на терасите на своите домови и со различни инструменти во рацете и песна ја нарушија и разбија морбидната тишина.

Надежта за пораз на вирусот и етапно враќање во нормален живот, ја носи науката. Кон крајот на годината се појави конечно и светлината на крајот од долгиот тунел. Фајзер, Модерна, Астра Зенека, Спутник 5 – светот започна да се имунизира. Оние чии животи се најзагрозени и кои најдобро го паметат стравот од незапирливата светска пандемија – беа први кои беа боцнати во рамењата. 91-годишната Маргарет Кинан и 81 – годишниот Вилијам Шекспир први ја примија вакцината на Фајзер и испратија силна порака до сите луѓе кои можеби се уште се колебаат.

Пандемијата предизвика тешки последици на физичкото и менталното здравје на луѓето, го преврти наопаку нормалниот живот и доведе до голема тага во нашите животи. Но, истовремено покажа и што се може да постигнат луѓето, обединети против заедничката закана, развивајќи медицински решенија за кои веруваме дека ќе ни ги вратат слободите и мирот.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Децата мора да се охрабруваат да говорат за булингот“ пораки од работилница во Гази Баба на општествено одговорната кампања „Крени Глас“ на Макпетрол

Дејан Дејан

Во болницата во Кочани стои нова хипербарна комора без специјалист да ја стави во функција велат од “SupportКоcani“

Дејан Дејан

Пет барања испрати семејството на Фросина од протестот по пресудата од 12 години за Васил Јованов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе