Во оваа недела заразени се 27 бремени жени, со што вкупно досега 355 трудници биле позитивни на корона. 4 бремени жени поради посериозна форма на Ковид се примени во болница последните 7 дена. Во периодот на извештајот се разболеле 247 здравствени работници и од почетокот на пандемијата 2.744 медицински лица се разболеле од корона. Во текот на неделата за која е направен извештајот направени се околу 2 илјади помалку тестирања, а процентот позитивни случаи во тестирањата е опаднат, но сепак висок и изнесува 35,4 % (5.518 заболени во 15.587 тестирани примероци). Претходната недела, процентот заразени бил 37,02 % од тестираните (6.463 заразени од 17.456 тестирани примероци).
Последната анализирана недела починале 174 граѓани, за десет помалку од претходната недла во извештаите на ИЈЗ. Лошата вест е што последните 7 дена починале 4 пациенти помлади од 40 години, меѓу кои и 22-годишна трудница. Претходната недела има само еден починат пациент заболен од ковид кој бил на возарст меѓу 30 и 39 години.
Од хоспитализираните, вкупно 1391 пациент според извештајот на ИЈЗ, 591 или 42,49% се пациенти на кислородна поддршка, а 25 (1,8% од хоспитализираните) приклучени инванзивно или неинвазивно на респиратор.
Последниот извештај на ИЈЗ покажува дека по правењето на епидемиолошките анкети и анализи (иако ИЈЗ наведува дека бројот е од направени анкети, а не од вкупниот број на случаи) процентот на асиптоматски случаи без симптоми на болеста опаѓа и сега изнесува 19,7 %. Минатата седмица тој процент изнесувал 20,7%. Објаснувањето е или дека болеста се влошува или дека не се прават анкети на сите заразени односно не се испрашуваат случаите кои немаат симптоми.