Во собраниската сала има доволен број пратеници за да се одржи расправа, но нема доволно за гласање. Затоа, продолжувањето на кризната состојба, подготовките на пописот, извршувањето на буџетот за наредната година и други закони, ќе чекаат подобри времиња, или, со собраниски речник – ќе чекаат кворум.
Кризната состојба прогласена од Владата истекува за пет дена. До тогаш, би требало да се соберат најмалку 61 пратеник и да подигнат зелено картонче за да го донесат законот од само еден член, кој предвидува кризна состојба до 30 јуни заради подобра заштита на здравјето на луѓето. На денешното гласање салата беше полупразна.
ВМРО ДПМНЕ смета дека власта ја опструира опозицијата со игнорирање на законите што таа ги предлага и со форсирање закони по скратена постапка.
Не се гласаше, но се заклучи расправата за пописот 2021-ва. Интересот се сведе на попишувањето на албанската и на турската заедница.
Поради необезбеден кворум, одложено е и гласањето за буџетот за 2021-ва. На листата на чекање се и воведувањето брз автобуски превоз во Скопје, распоредувањето на вработените по рамковен, изборот на членови во Судскиот совет и Советот на обвинители и други законски решенија.
Соња Николовска