Двапати одбивала хоспитализација, третиот пат веќе морало да прифати да биде згрижена на Гинекологија.
22-годишната родилка почината од Ковид во болница првпат дошла на 22 ноември во лоша состојба.
Примила инфузија, се почувствувала подобро, а потоа се потпишала и си заминала. Докторите ја убедувале и нејзе и нејзиното семејство дека најдобро е родилката да остане во болнички кревет и под постојан надзор. Но, ниту таа ниту нејзините блиски не сакале да ги послушаат докторите.
Била во 37 недела од бременоста и имала нерегулиран дијабет и проблеми со тироидната жлезда . Ова и била прва бременост и на контроли одела, но не редовно, вели директорката на Гинекологија.
„Пациентката одбила хоспитализација и кога е дојдена на 23-ти утрото веќе била со мртов плод и со комплетно пореметен ацидобазен статус, со многу висока гликемија некаде околу 30, со многу високи Д-димери околу 30 илјади. Веднаш е префрлена во шок соба. Почнато е со породување, породена е на 24-ти со царски рез, добиен е мртов плод тежок 4,3 килограми“ – Викторија Јовановска – Директор на ГАК
Поминала три дена на Гинекологија, а потоа била префрлена во друга болница. Пациентката била критична и на 26 ноември била примена во Градската општа болница „Осми септември“.
Цело време била приклучена на респиратор.
Таму поминала две недели на интензивна нега, но сепак ниту тоа не помогнало. Починала на 9 декември, а за овој случај јавноста дозна од вчерашниот Ковид-извештај.
Случаи со починати родилки од Ковид имаше уште неколку од почетокот на пандемијата досега, а се очекуваат информации и од ДСЗИ во однос на случајот со младата пациентка.
Петар Догов