35 годишен битолчанец позитивен на Ковид-19, синоќа почина на Инфективното одделение во Битола, откако претходно избегал од Болницата и повторно бил вратен со итна помош, но неконтактибилен и без витални параметри. Вчера напладне за време на ручекот во болницата, самоволно заминал дома со приватно возило, наводно, за да се одмори и наспие, но се напил седативи, а семејството повикало итна помош затоа што не можеле да го разбудат.
Во 18 часот пациентот бил донесен со возило на Итната помош и медицинска екипа во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата. Според кажувањата на медицинската екипа од итната помош пациентот со приватно возило си отишол дома, наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел по што семејството повикало итна помош, кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија, но без ефект. Потоа е однесен на Инфективно одделение. Од страна на дежурната екипа на КОВИД одделот биле превземени реанимациони мерки, но без одговор. Во 18,45 часот настапила смрт , информираат од Министерството за здравство.
За првпат пациентот се јавил во тријажната амбуланта во битолската болница на 13 ноември, со симптоми на покачена температура, кашлица, но, немал рентген наод. Му била дадена терпаија и препорака за изолација и закажување на тестирање преку матичен лекар. Тој повторно се јави на преглед на 16 ноември, но сега веќе со тешко дишење и температура, а снимката покажала бронхопневмонија, по што бил хоспитализаран. Следниот ден на 17 веќе бил земен брис и добиен ковид позитивен резултат. Од Министерството информираат дека кај 35 годишниот битолчанец во системот не биле евидентирани хронични заболувања.
Неговото бегство лекар од Инфективно одделение го пријавил и во полиција, потврдија од СВР Битола, од каде асистирале при враќањето на пациентото назад во болница . Но, лекарите веќе не можеле да му помогнат, и покрај 40 минутните обиди за реанимација.
Емилија Мисирлиевска