Дали уставните судии кои укинуваат и поништуваат неуставни закони сами паднаа на испитот за уставност кога се во прашање нивните лични примања, па со промена на деловник си утврдија повисоки примања? Молк од Уставниот суд по веста објавена од сдк.мк дека дека на 22 октомври изгласале уште еден член во деловникот со кој и тие, исто како и останатите судии во земјава, треба да добиваат додатоци на плата до 35 проценти за посебни услови, за работа со висок ризик и за доверливост. Претседателот на судот Сали Мурати не одговори на нашите повици и поставени прашања.
Антикорупциска комисија ќе го испитува случајот со надоместоците на уставните судии, но претседатлеката на комисијата вели јасно е дека со деловник не се уредуваат прашања кои треба да се решат со закон.
-Факт е дека неодамна, при крајот на октомври, Уставниот суд го променил Деловникот, земајќи одредби од Законот за судовите додал тука уште една одредба со која се дефинираат овие права. Но, факт е дека во Уставот стои дека со Деловникот на Уставниот суд се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не се уредуваат правата за нивен посебен додаток, изјави Биљана Ивановска, претседател на ДКСК
Уставниот суд работи по деловник од 1992 и поребен е закон, вели Ивановска.
Од министерството за правда не го коментираат потегот на Уставен преку деловник да си го реши финансикото прашање. Велат дека Уставниот суд е самостоен и независен орган, а министерството нема ингеренции по ова прашање
Во минатото се разговараше со уставните судии за изедначување на материјалниот статус и се разгледуваа можности за уредување на ова прашање. Министерството за правда ја има согледано потребата за усогласување на материјалниот статус на судиите, а од оваа причина започнати се и консултации за изнаоѓање на решение преку кое би се усогласиле коефициентите и материјалниот статус на сите чинители од правосудството.
Дел од уставните експерти со кои разговараше Телма велат дека уставните судии си преземале улога на Собранието. Со деловник се уредуваат прашања од внатрешен организациски карактер а не финансиски прашања. Ако се решиле со деловник да одлучуаат финансиски прашања поврзани со нивните доходи, тоа е злоупотреба, сметаат нашите соговорници.
Дополнително според експертите се отвора и прашањето дали уставнтие судии треба да се споредуваат со останатите судии.
Неофицијално, дел од уставните судии велат дека нивните плати сега се пониски ако се споредат со вкупните приходи што ги добиваат дел од судиите во редовните судови. Велат плата им е околу 1.300 евра и немаат други додатоци, ниту привилегии. Дали ќе им бидат исплатени додатоците велат зависи од министерството за финансии.
Ова е втор пат годинава како уставните судии со одлуки за сопствените плати предизвикуваат бурни реакции во јавноста. На почетокот на пандемијата уставен ја турна владината уредба со која и на судиите како и на останатите функционери требаше три месеци да им се крати плата за да биде донирана во солидарниот фонд за Kовид-19. Утврдија дека тоа е незаконски и потоа само еден месец добрoволно донираа средства.
Елена Ивановска Мукоска