Од Љубљана преку Скопје до Софија и останатите 26 земји–членки на Европската унија една единствена порака – сите тие да покажат солидарност и да направат се, меѓувладината конференција со Македонија да започне. Пораката ја испрати лично словенечкиот претседател, Борут Пахор, кој рече дека сега е можноста која Унијата не смее да ја пропушти и би било неоправдано и морално погрешно ако сега би се нашле некои кои што би сакале да го одложиле стартот на преговорите со земјава.
“Пред нас имаме предизвик, на почетокот на преговорите со Северна Македонија и тој предизвик не е толку голем што со вешта дипломатија со определана флексибилност и цврста обвска да ги почитува договорите не би можела да ги реши“ – изјави словенечкиот претседател, Борут Пахор.
Пахор рече дека ја разбира комплексноста на прашањето и за двете страни, но оти компромис е неопходен. Ја потсети Унијата дека и таа има одговорност ова да се реши без да се одложат преговорите со Македонија
“За тие работи знам едно, кога ќе почнете да блокирате станува политички се потешко да се најде компромис кој што е взаемно прифатлив. Затоа ги повикувам двете држави, како пријатели, да најдат решение што побрзо“ – оцени Пахор.
И шефот на државава, Стево Пендаровски, е на став дека компромис мора да се најде, при што меморандумот од Бугарија го смета како почетна, е на крајна преговарачка позиција на Софија во тој процес.
“Да почекаме, се водат преговори во Брисел, има најави за компромисни решенија по некои спорни точки, убеден сум дека Бугарија нема да блокира во декември” – изјави македонскиот претседател, Стево Пендаровски.
Компромисот вели Пендаровски нема да се дозволи да ги помине националните и државни црвени линии.
По Пендаровски Пахор со идентична порака им се обрати и на македонските пратеници, пред кои рече дека сега е време за старт на преговорите, но и предупреди од можните последици доколку тоа не се случи, како дестабилизација на регионот и прекројување на границите по етничка основа. Пред да дојде во Собранието тој положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
Тамара Грнчароска