Училишното ѕвонче да заѕвони за децата до трето одделение и тие физички, на растојание, да присуствуваат на часовите во училишните згради.
Останатите ученици од дома, онлајн да добиваат задачи и да слушаат предавања.
Комисијата за заштита од заразни болести смета дека овој модел е најсоодветен да се применува од први септември.
Нормална настава во училиште може да се дозволи и во зависност од местата за коишто станува збор.
„Препорака на Комисијата за заштита од заразни болести е онлајн настава со два исклучоци. Еден е за деца од прво до трето одделение, а другиот за општини со малку деца и малку одделенија во училиштата“ кажа министерот за здравство, Венко Филипче.
Ова засега е само препорака на Комисијата за заштита од заразни болести. Истата треба да се дискутира на седница на Владата за да биде конечна.
Со свој став за истата излегоа и од Министерството за образование и наука.
„Овој предлог е како компромис на тоа што ние сме настојувале и првичниот предлог на комисијата и на министерството за здравство за генерално одвивање на онлајн настава во сите училишта. ЗА КОЈ БИЛО МОДЕЛ ДА СЕ ОПРЕДЕЛИМЕ ЌЕ БИДЕ НЕОПХОДНО ДА СЕ НАПРАВАТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ. ЗА ДА СЕ НАПРАВАТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ПА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ ЗАКОНСКИ ОСНОВ ЌЕ ТРЕБА ДА ИМАМЕ ФУНКЦИОНАЛНО СОБРАНИЕ. но, за да имаме почеток на учебната година зависи од епидемиолошката состојба“ изјави Арбер Адеми, министер за образование и наука.
Во меѓувреме, бројките за Ковид-19 периодов имаат тренд на опаѓање во земјава велат стручните лица, а тоа е така затоа што луѓето меѓудругото и често се надвор, вели директорот на ЦЈЗ Скопје, Стојанов.
Според него многу е важно тоа да продолжи за лесно да се менаџира состојбата и со учебната година од септември и уште еднаш испрати апел за строго почитување на мерките.
И додека се чека конечната одлука на надлежните во однос на учебната година, се очекува отворањето на градинките откако претходно Комисијата за заштита од заразни болести одобри тие да започнат со работа.
Министерството за труд и социјална политика треба да ја донесе одлуката за отворање, а здравствените власти со нив ќе имаат состаноци на почетокот на следната недела.
Петар Догов