Македонија

Лидерите на партиите на Албанците се среќаваат, но не преговараат?!

Се среќаваат, но не преговараат за влада.Така барем тврдат од ДУИ и БЕСА, чии претседатели вчера имале средба. Од БЕСА велат дека официјално не се почнати преговорите за составување на ново парламентарно мнозинство.На нашето прашање, дали им е прифатлива коалиција со ДУИ и евентуално со останатите партии на Албанците во Македонија, велат дека ќе одговорат кога ќе почнат преговорите. Вчерашната средба била на барање на Ахмети.

И од ДУИ тврдат дека тоа било само средба, но не и преговори. Официјално тврдат дека се` уште не преговараат ниту со СДСМ. Неофицијално, коалиција со СДСМ и БЕСА за нив би била најприфатливата варијанта, и покрај острите пораки што си ги упатуваа во предизборието. Тоа е и наједноставната равенка, коалицијата „Можеме„ со 46 пратеници и ДУИ со 15, заедно имаат мнозинство од 61 пратеник. Со ДПА би имале пратеник плус.

Иако Ахмети вчера најави дека ќе се обиде да се сретне и со останатите опозициски партии на Албанците, од партијата не гледаат зошто би преговарале и со Алијанса и Алтернатива. Велат дека, очекуваат да си останат на зборот и да прифатат дека ДУИ се победници на овие избори.За нивното барање до ЕУ, да им се одземе легитимитетот на ДУИ, велат дека е очајнички обид за дефокусирање на јавноста од фактот дека по шести пат ги изгубија изборите и да избегнат одговорност од електоратот. „Би било добро Села да се запраша зошто ги изгуби изборите и во неговото село„, велат од ДУИ.

Гаши и Села, пак, се договориле да не влегуваат во никакви преговори додека  ДУИ не го истроши својот легитимитет.Во интервју Гаши вели дека, ДУИ не треба да отстапуваат од идејата за премиер Албанец, затоа што поради неа ги добија пратениците, а ако не можат тоа да го остварат, да отстапат, за  Алијанса и Алтернатива да почнат преговори.

Од македонскиот блок на партии, денеска молчат. Во вчерашното партиско соопштение, СДСМ велат дека ќе формираат влада што ќе продолжи со истата политика. И ВМРО ДПМНЕ најавија дека прават напори за составување на мнозинство, но не откриваат со кого.

Партиите имаат уште пет дена да се обидат да состават мнозинство. Најдоцна до 4 август, претседателот на Собранието треба да ја свика конститутивната седница. Од Кабинетот на Талат Џафери, кој деновиве е хоситализиран на Инфективната клиника заради пневмонија, уверуваат дека седницата ќе се одржи во предвидениот рок, но не можеа да потврдат дали тој ќе присуствува на свеченоста на Илинден во Крушево. Информираа  дека е негативен на Ковид-19, дека здравствена состојба му е стабилна, но дека му треба одмор.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Таравари објави дека крилото на АА оди во опозиција: Се враќаме меѓу граѓаните

Дејан Дејан

Телма интервју со Крис Павловски: Не сум ја организирал ниту сум ја платил посетата на македонската влада на инаугурацијата на Трамп

Дејан Дејан

Петрушевски во Топ Тема: Предлог законот на СДСМ за настраданите во Кочани е неприменлив во некои членови и делумно неуставен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе