Во седиштето на НАТО во Брисел се одржа првиот состанок на контакт групата за помош на Украина на кој не учествуваше американскиот секретар за одбрана – прв ваков случај од формирањето на форумот пред три години.
Отсуството на Пит Хегсет, шефот на Пентагон, се смета за дел од низата потези на Вашингтон со кои се покажува одредена дистанца од воените напори на Украина против руската инвазија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот упати силен апел до западните сојузници за зголемување и забрзување на воената поддршка, со фокус на испорака на системи за противвоздушна одбрана, како што се американските „Патриот“.
Тој предупреди дека руските ракетни напади продолжуваат да предизвикуваат уништување и цивилни жртви, а Украина итно има потреба од поефикасна заштита на своето небо.
На состанокот присуствуваа претставници од околу 50 држави, вклучително и членки на НАТО и други партнери кои искажале подготвеност да продолжат со поддршката.
Зеленски посебно ја нагласи потребата од забрзување на производството и доставата на оружје, додавајќи дека секое одложување значи зголемен ризик за украинските цивили и армијата на фронтот.
Контакт групата, позната и како „Рамштајн формат“, е формирана во 2022 година со цел координирање на меѓународната воена и безбедносна поддршка за Украина.
Трамп: Путин ќе се одмазди за украинскиот напад со дронови
Претседателот на САД, Доналд Трамп предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се одмазди на големиот украински напад со дронови врз руски воздухопловни бази.
Последните случувања според Трамп нема да донесат „итен мир“ меѓу Русија и Украина.
Путин по нападот во неделата уште еднаш ја обвини Украина дека го попречува процесот на преговори, а нападот го нарече „терористички“, а Украинскиот претседател и власта во киев ги нарече нелегитимна терористичка организација.
Преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул завршија без голем напредок, а конфликтот продолжува со напади од двете страни.