Ракомет Спорт

ЕХФ конечно пресече: Алкалоид е освојувач на Европскиот Куп

По Вардар и Кометал Ѓорче Петров, РК Алкалоид стана третиот македонски клуб со европски ракометен трофеј, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално го прогласи за победник на Европскиот куп за мажи 2024/25.

Одлуката следува по неодиграниот реванш натпревар против АЕК Атина во арената „Борис Трајковски“. Грчкиот клуб не се појави на теренот, поради спор околу бројот на билети за своите навивачи. Според правилата на ЕХФ, АЕК имал право на 650 билети, но од безбедносни причини, Министерството за внатрешни работи на Македонија дозволи присуство на само 200 грчки навивачи. Клубот од Атина, и покрај желбата на играчите и стручниот штаб да настапат, реши да не го одигра натпреварот.

Натпреварот беше откажан откако АЕК не излезе на теренот повеќе од 30 минути по предвидениот почеток, а по десетдневна анализа, ЕХФ донесе конечна одлука: службена победа од 10:0 за РК Алкалоид, кој со тоа го освои трофејот.

Оваа службена победа само ја потврди предноста стекната на првиот финален натпревар во Атина, каде што избраниците на Кирил Лазаров триумфираа со 25:29 и направија огромен чекор кон титулата.

Со овој успех, РК Алкалоид не само што остави сериозен траг на европската ракометна сцена, туку испиша и нова златна страница во македонскиот спорт.

ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ И ЦЕЛОСНОТО СООПШТЕНИЕ НА ЕХФ

„Одлука на Судот за ракомет при ЕХФ во врска со финалето на ЕХФ Европскиот Куп за мажи 2024/25

Судот за ракомет при Европската ракометна федерација (ЕХФ) утврди дека клубот АЕК Атина имал обврска да се појави и учествува на закажаниот реванш натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот Куп за мажи 2024/25. Со одбивањето да настапи, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и, согласно тоа, сноси одговорност.

Врз основа на ова, Судот донесе следна одлука:

  • Реванш натпреварот РК Алкалоид – АЕК Атина се регистрира со службен резултат 10:0 голови и 2:0 поени во корист на РК Алкалоид.

  • Првиот натпревар заврши со победа од 29:25 за РК Алкалоид.

Со ова, РК Алкалоид е прогласен за победник на ЕХФ Европскиот Куп за мажи 2024/25, со сите последици и придобивки што произлегуваат од оваа титула.

Согласно прописите, евентуална жалба на оваа одлука нема суспензивно дејство, односно не го одложува нејзиното спроведување. АЕК Атина има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум (7) дена од приемот на одлуката.

Оваа одлука се однесува исклучиво на натпреварувачкиот аспект од случајот. Дополнително, се водат одделни дисциплински постапки поврзани со одбивањето да се одигра натпреварот, евентуалната штета и распределбата на билети“, се вели во соопштението на ЕХФ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија пред најтешкиот испит – Белгија гостува во Скопје

Дејан Дејан

Голеада во Штутгарт: Шпанија ја победи Франција за финале во ЛН (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Анчелоти дебитираше на клупата на Бразил со реми без голови (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе