Старите теми повторно актуелни пред избори. Еден ден откако претседателот на Владата го отвори прашањето за една изборна единица преку измени на Изборниот законик, денеска стигна одговор од опозицијата.
„Подготвени сме за разговори“, дециден е лидерот на социјалдемократите.
Според Филипче, не само една изборна единица туку и други прашања поврзани со изборите треба да се најдат на маса и да почекаат на меѓупартиски консензус.
„Подготвени сме да разговараме за било што меѓутоа тоа е работа во којашто треба да учествуваат сите политички партии. Не е само прашањето за една изборна единица, тука е и прашањето на цензусот, на отворените листи. Но, јас сум подготвен за разговор“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Се огласија и од партијата ДОМ и ја поздравија иницијативата, но повикаа да биде проширена и со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите.
Инаку, идејата за измените на Изборниот законик и воведување на една изборна единица ја „заживеа“ премиерот, на вчерашните пратенички прашања во Собранието.
Мицкоски упати повик до опозиционерите во законодавниот дом да ги поддржат измените. Но, побара да се дозволи и дијаспората да гласа, преку формирање на избирачки места во државите каде што е тоа дозволено согласно Устав, надвор од Дипломатско-конзуларните претставништва.
„Еве јас сум подготвен одма! Јавно ви кажувам како ВМРО-ДПМНЕ, ги гледам пратениците од коалицијата, да го поддржиме тој Закон во којшто ќе имаме една изборна единица. И подготвен сум одма, да не филозофираме зошто волку советници, зошто толку. Еве одма да го отвориме ова прашање и да го затвориме“, кажа Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија, на вчерашната седница за пратенички прашања.
Во меѓувреме, гласни повици стигнуваат од страна на независните. Соочени со дилемата дали ќе ја трчаат изборната трка на есен, бараат државата веднаш да ја пополни „правната празнина“ и со тоа да ги расчисти дилемите околу условите за нивно кандидирање.
„Во отсуство на дадени услови и критериуми, тогаш треба да биде отворена, а не затворена можноста за независни листи да може да се кандидираат на наредните локални избори. Сега за жал тоа зависи од толкувањето на Законот од страна на Собранието и од страна на Државната изборна комисија коишто на крај можат да речат – знаете што, ние на друг начин го толкуваме целото ова и едноставно нема да ги прифатиме вашите поднесоци за локалните избори и затоа е круцијално да има заеднички консензус за како ова ќе се толкува во случај да се донесат измени и во случај да не се донесат измени“, вели Горјан Јовановски од „Зелен Хуман Град“.
„Сега сме не само како Северна Македонија, стануваме како Северна Кореја. Таму е недозволен настап на независни кандидатски листи“, додава Јана Белчева од „Шанса за Центар“.
Уставниот суд пред десет дена донесе одлука и ги укина членовите од Изборниот законик со кои повеќе од тројно требаше да се зголеми бројот на потписи за кандидатура на независните.
Собранието, пак, потврди дека локалните избори ќе се спроведат според Изборниот законик, без измените и дополнувањата од лани.
Петар Догов