Обвинителството во наредните денови ќе ги извести пациентите или семејствата на починатите пациенти од рак кои биле несоодветно лекувани на Клиниката на онкологија. По поднесување на обвиненијата против двајцата поранешни директори на Клиниката и уште тројца онколози за несовесно лекување, болните од рак стравуваа дали можеби тие се меѓу оние на кои им била давана несоодветна терапија. Обвинителството соопшти дека вештачењето во Словенија утврдило дека 29 луѓе биле несоодветно лекувани, а експертите од Србија потврдиле несоодветно лекување кај уште 18 луѓе. Обвинителите денеска се сретнаа со претставници на онколошките пациенти за да ги информираат за истрагата.
„Без разлика кој и да направил некаков криминал, нашиот став е ист – мора да се плати за тоа, мора да има последици и мора да се научи за никогаш повеќе да не се повтори. Што се однесува до пациентите коишто биле оштетени во овие пет години и што е утврдено во оваа истрага, ние како пациенти сметаме дека треба да бидат обесштетени. Ниедни пари нема да ги вратат ни нивното здравје ни нивните починати, но од друга страна ќе дадат една заклучница“, изјави Ана Маријановиќ, онколошки пациент.
Обвинителството соопшти дека на средбата ги информирале претставниците на пациентите дека во текот на истрагата биле прегледани медицинските досиеја на сите пациенти коишто примале биолошка терапија од почетокот на 2018 до крајот на 2022 година. Истражителите издвоиле 65 досиеја коишто биле сомнителни и ги пратиле на вештачења во Словенија и Србија, а тамошните експерти утврдиле несоодветно лекување кај вкупно 47 пациенти. Дел од нив не го дочекаа крајот на истрагата.
„Во следните денови обвинителството ќе ги контактира пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето или нивните законски застапници со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени“, соопшти Јавното обвинителство.
Истрагата, која траеше 20 месеци, од септември 2023 година, покажа дека на 9 пациенти фиктивно им биле препишувани скапи лекови, а не им биле давани, туку директорите си ги земале. Сомнежот е дека се давани или продавани на други заболени.
На друга група пациенти лековите им биле давани 3 или четири недели порано од што требало со што им го ставиле здравјето и животот во ризик. А ако не им била давана, значи дека завршила на друго место.
Лекови им биле препишувани и на пациенти во последен стадиум на болеста, кога не можеле да им помогнат. Поранешните директори на Клиниката, освен за погрешно лекување, се обвинети и за финансиски злоупотреби на клиниката.
Срѓан Стојанчов
Апсолутно не чувствувам вина – Филипче за случајот „Онкологија“