Како во прашумите на Амазон, но во Скопје, на бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар во општина Аеродром, што потенцијално претставува и опасност по здравјето на граѓаните, обвини скопската градоначалничка Данела Арсовска, а за нелегалните активности на терен објави и видео на Фејсбук.
Експлоатацијата, според неа, ја врши фирма која нема никакви лиценци, елаборати, дозволи и одобренија ниту за работа, ниту за механизацијата. Станува збор за фирмата Прогрес Компани од селото Долно Коњари во Петровец. А која е фирмата?
Основана е во 2004 година од Ќазим и Ќамил Османовиќ. Дејноста и е изградба на патишта и автопати. Во архивските изданија на службен весник може да се најде дека на Прогрес компани Владата предвоена од Владо Бучковски во 2006 година и доделила договор за концесија за експлоатација на песок и чакал во Долно Коњари од реката Пчиња.
Но, друга фирма со слично име и од истото село која се поврзува со Ќамил Османовиќ до 2021 година ќе ја врши експлоатацијата. Фирмата Еуро Прогрес каде Ќамил Османовиќ е директор, а дејноста и е вадење на чакал и песок.
На жителите на Горно, Долно и Средно Коњари добро им била позната „Еуро прогрес“. Ќе протестираат против експлоатацијата и ќе обвинат за еколошка катастрофа, поради неконтролиран ископ на песок и чакал, а како резултат на тоа и на проблеми со водоснабдувањето. Откако во 2021 година Државниот инспекторат за животна средина ќе утврди нерегуларности Владата ќе го раскине договорот за концесија со „Еуро прогрес“.
Не се придржувале кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина. Експлоатацијата на минералната суровина била вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња.
Прогрес компани пак на тендери соработка со години имала само со општина Петровец. Последниот тендер е во 2023 година од околу 7 и пол илјади евра за услуги од багер. Претходната 2020 и 2021 година, три тендери за изградба и реконструкција на локални улици и патишта, како и изградба на тротоари во износ од околу 630 илјади евра.
За истата намена била ангажирана и во 2020 година. Уредувала и пазар, изградила и две соблекувални на фудбалски игралишта, а поправала и сервисирала и лесни возила. Од овие 5 тендери наплатила речиси 100 илјади евра.
Во 2019 година пак потпишала два договори со општината вредни 31 илјада евра.
Еден за изградба на тротоар во село Катланово. Другиот за реконструкција на фудбалско игралиште во Долно Коњари. Инаку Ќамил Османовиќ е газда и на фудбалскиот клуб Долно Коњари, а општината дала 10 илајди евра за реконструкција на неговото игралиште.
Градоначалничката Арсовска обвини и на закани и најави пријава за Ќамил Османовиќ, а за случајот ги информирала и надлежните институции.
Се обидовме да стапиме во контакт со мобилниот телефонски број на фирмата Прогрес Компани. Најпрвин беше зафатено, а потоа телефонскиот број беше недостапен.
Марија Митевска