Ракометниот клуб Алкалоид попладнево објави дека повеќе нема билети за реванш финалниот натпревар против АЕК во рамки на Европскиот Куп на ЕХФ. Арената „Борис Трајковски“ во Скопје во недела ќе биде целосно исполнета, а грчкиот состав најави и присуство на свои навивачи.
Алкалоид направи голема еуфорија во македонската спортска јавност по победата од 25-29 на гостувањето кај АЕК на првиот финален натпревар. Поради ова билетите за неделниот натпревар пламнаа во рекордно време, па момците на тренерот Кирил Лазаров ќе имаат максимална подршка од трибините во „Борис Трајковски“. Претходните дуели во Европскиот Куп, Алкалоид ги играше во својата сала „Автокоманда“.
Од таборот на АЕК наговестуваат дека ќе присуствуваат и неколку стотина навивачи на грчкиот тим. На првата средба во Атина натпреварот за момент беше прекинат откако од трибините во салата полетаа тврди предмети кон клупата на Алкалоид.
Македонската публика ќе покаже далеку поголемо гостопримство и со фер и коректно навивање ќе го бодри Алкалоид до историски европски трофеј во третото по ранг натпреварување на ЕХФ.
Фото: Игор Паневски