Кадар на „Вреди“ ќе раководи со Министерството за здравство по заминувањето на Арбен Таравари од владата, потврди тетовскиот градоначалник, Биљал Касами. Откако вчера најавуваше можност за смена со ВМРО-ДПМНЕ со Образование, денеска вели дека во моментов нема таков договор.
„Министерството за здравство беше побарано од нас и поради тоа што, член на досегашната коалиција беше Арбен Таравари, тој го побара тоа како ресор. Сега со неговото заминување ние сме подготвени да разговараме и за такви комбинации, но нема преговори во делот на владата за рокади во моментов. Сè додека нема нова ситуација, сите позиции кои беа досега, остануваат во „Вреди““, изјави Биљал Касами.
Министерот за животна средина, пак, изјави дека нема никакви проблеми со работењето на владата по заминувањето на Алијанса за Албанците. За барањето на ДУИ за предвремени избори, повторија дека единствени избори што ќе се одржат се локалните.
Премиерот денеска не сакаше да открие детали за промените што ќе следуваат во владиниот состав, велејќи дека сè ќе биде појасно следната недела. Извршниот комитет на партијата вчера го овласти да предложи решенија за испразнетите места во владата. Бараат одговор од Таравари, со што е уценет за да си замине од владата?
„Мора јавно да одговори со што е уценет од криминалното дуо СДС и ДУИ. Дојде на власт со ветување пред граѓаните дека заедно ќе ги испратиме ДУИ во опозиција. Што се случи за само 10 месеци, за Таравари повторно да се врати во прегратките на ДУИ? – Неговото неразумно однесување мора да се должи на уцена и диктат на криминалното дуо СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијанса за Албанците ги отфрлаат обвинувањата.
„Самиот факт што ја напуштивме владата по своја волја, јасно покажува колку малку сме корумпирани, а можеби тоа е незамисливо за некои партии на власт“, велат од Алијанса за Албанците.
Алијанса предводена од Таравари во владата има две министерски места – здравство раководено од него и позицијата вицепремиер за добро владеење на која е Арбен Фетаи. Засега е нејасно како ќе се определи Фетаи, кој освен што деновиве беше отсутен заради патување, покажа воздржаност по прашањето за неговите идни чекори. Во Собранието имаат пет пратеници за кои е, исто така, неизвесно дали сите ќе му останат лојални на Таравари. Засега немаат намера да формираат посебна пратеничка група, чекаат првиот потег да го повлечат од „Вреди“.
Далиборка Демјанска Цветановска