Киев и Москва утре се враќаат на директни преговори, за првпат официјално по април во 2022 година. Ги понуди рускиот претседател Владимир Путин, ги прифати неговиот украински колега Володимир Зеленски. Ќе се одржат во Истанбул, каде би можел да се појави и американскиот претседател Доналд Трамп кој е во посета на Блискиот Исток. Засега е нејасно дали и Путин ќе отпатува во Турција, иако засега е потврдено дека руската делегација ќе ја претставуваат Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков. Ниту е потврдена, ниту исклучена можноста во последен момент во Истанбул да се појават и Трамп и Путин.
Во пресрет на летот кон Истанбул и преговорите со Москва, Зеленски обвини за воздушен напад со дрон во Харков. Но, потврди дека ќе отпатува во Турција, каде покрај разговори со руската страна, планирано е да се сретне и со претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Во моментов во Харков во тек се операции за одговор при итни случаи по напад на руско беспилотно летало. Прелиминарните извештаи покажуваат дека никој не е повреден. Ова беше уште еден руски напад врз енергетски објект, чисто цивилен. Русија е Русија. Додека сите го чекаат својот одговор за прекин на огнот и директни преговори, тие одговараат со нови напади и напади“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Патот до разговорите беше краток. На 7 мај, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, рече дека приоритет се директни преговори меѓу Русија и Украина. На 10 мај, европските лидери се придружија на повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за 30-дневен прекин на огнот што почна на 12 мај, предупредувајќи дека Русија ќе се соочи со дополнителни санкции ако не се согласи со примирјето. Неколку часа подоцна, рускиот претседател Владимир Путин повика на директни разговори во Истанбул на 15 мај, велејќи дека прекин на огнот може да дојде само како резултат на преговори.
„Единствена што ја одолговлекува војната, единствената одговорна и за почеток и за продолжување на војната е Русија. Ова јасно го разбира целиот свет. Притисокот е суштински – да се натера Москва да престане да мисли дека светот сè уште може да чека. Потребен е крај на војната, достоинствен и праведен. Русија многу зборува за директни преговори, но кога се сведува на тоа, тие се кријат“, додаде Зеленски.
На утрешните преговори во Истанбул ќе присуствуваат и државниот секретар на САД, Марко Рубио во чија придружба, според Белата Куќа, ќе бидат и американските специјални претставници Стив Виткоф и Кит Келог. Информациите за фокусот на преговорите засега се оскудни, поради чувствителноста на темата и прашањата. Според Виткоф, кој во изминатиот период, се сретна со Путин во Москва, тема на разговорите би бил статусот на украинските територии кои се под контрола на Русија, нуклеарната централа Запорожје, како и пристапот на Украина до реката Днепар и Црното Море.
Во интервју за „Бритбарт њуз“, тој истакна дека „нема да има договор без директно одобрение од рускиот претседател Владимир Путин“. Неговиот ангажман следува по зголемени дипломатски активности и нагласи оти пораката од американскиот претседател Доналд Трамп до двете страни е јасна – „останете на преговарачка маса или САД ќе се повлечат од процесот“.
Сашко Димовски