Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност на ЕУ со тоа што го одбила барањето на новинар за пристап до текстуалните пораки меѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла за набавката на вакцини против Ковид-19 за Унијата, оцени денеска Основниот суд на ЕУ.
Според оценката на Судот со седиште во Луксембург, Европската комисијата не може едноставно да тврди дека не ги поседува бараните документи и мора да обезбеди веродостојни објаснувања што ќе им овозможат и на јавноста и на Судот да разберат зошто тие документи не можат да се најдат.
Случајот произлезе од тужба од 2023 година поднесена од весникот „Њујорк тајмс“, откако ЕК одбила да ги достави на увид СМС-пораки разменети меѓу Фон дер Лајен и Бурла од 2021 година, со кои се договарала набавката вакцини во екот на пандемијата на Ковид-19 низ Европа.
Европскиот суд на правдата утврди дека „Њујорк тајмс“ доставил релевантни и конзистентни докази што укажуваат на постоење на текстуални пораки помеѓу претседателот на Комисијата и извршниот директор на „Фајзер“ во врска со набавката на вакцини против Ковид-19.
„Овие договори беа сосема без преседан во сосема без преседан контекст“, изјави официјален претставник на ЕУ пред пресудата.
Весникот го открил постоењето на пораките во 2021 година за време на интервју со Бурла, но наишол на пречки кога побарал пристап до нив. Комисијата тврдеше дека не може да ги обезбеди текстовите.