Битолскиот суд ги одмрзна, а на барање на Обвинителството повторнo ги блокираше средствата од три милини евра на банкарската сметка на компанијата „Руд Коп“ од Битола за кои постои сомнеж дека се стекнати незаконски. Оваа судско одмрзнување се случи на 6 мај, истиот ден кога ОЈО поднесе обвинение против 10 лица, меѓу кои и поранешниот директор на РЕК, Пеце Матевски под сомнение дека во 2022 година го наместиле тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола и склучиле договор со „Руд Коп“, а елиминирале друга фирма. Во замена за оваа мерка, Судот донел забрана за проджаба на имот и возила во сопственост на компанијата. За ваквата одлука ОЈО ниту било известено, ниту имало право на жалба.
„Основното јавно обвинителство Битола смета дека со донесеното решение на Кривичниот совет за одмрзнување на паричните средства се прави целосно неизвесна идната евентуална конфискација на овие парични средства како директна имотна корист од кривичното дело. Уште повеќе што со преиначување на првично определените мерки, Судот дозволил во замена да биде замрзнат имот – парцела во индустриска зона и 37 возила за кои не постои доказ дали се стекнати по извршување на кривичното дело“, наведуваат од ОЈО Битола.
Откако Обвинителството ги извести Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање и веднаш достави нов предлог до Судот за обезбедување на имотната корист додека трае постапката, судечкиот судија во предметот го прифати предлогот и донесе решение одново да ги замрзне паричните средства на сметката на „Руд Коп“.
Емилија Мисирлиевски