Вести Македонија Најважни

Синдикати – Приказната на Пандов за кучката Цеца е интересна, но неточна

Гневни реакции од вработените во Штипскиот затвор и од синдикатите на затворската полиција предизвика прес-конференцијата на директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов дека затворски чувари му помагале на осуденик да си ја најде дрогата, под изговор дека бараат часовник што му го зела затворската кучка Цеца.

Чуварите постапиле според законот, а Пандов само прави шоу наместо да ги подобри условите за работа, велат тие.

Група вработени, преку Синдикатот на УПОЗ, ја негираа, како што велат, лошо составената приказна на Пандов, пласирана на „ироничен начин и со цинизам“. Приказната за кучката Цеца ја кажал затвореникот, но полицајците не му поверувале и барале предмет кој бил фрлен преку оградата во затворот, и токму тие ја нашле дрогата.

„Одговорно тврдиме дека вистината е сосема поразлична и постапувањето во однос на пронаоѓањето на сомнителни предмети фрлени од страна на лицата кои дојдоа до затворот во овој настан преку безбедносниот ѕид беше во правец на тоа да го пронајдеме она што е фрлено и доколку има било што недозволено да го одземеме и да пријавиме во СВР – Штип“, стои во соопштението на вработените испратено преку Синдикатот на УПОЗ.

Синдикатите велат дека затворските полицајци постапиле како што треба.

„Истите тие затворски полицајци, истата смена, при разгледувањето, токму тие ја пронаоѓаат дрогата префрлена во затворот, и ја пријавуваат, така што, според нас, до овој момент апсолутно нема никаква вина кај колегите и сметаме дека треба да се каже настанот во целост затоа што ниту директорот, ниту некој од надвор не ја најде дрогата, туку тоа се всушност самите затворски полицајци. За овој настан на 28 март беше водена дисциплинска постапка која беше отфрлена и нема констатирано никаква вина од страна на дисциплинската комисија кај затворските полицајци. Сметаме дека сето ова беше кажано за да се направи едно шоу во јавноста“, вели Мартин Ефремов, претседател на Независниот полициски синдикат, чиј дел е и Независниот синдикат на затворската полиција и администрација.

Синдикалците велат дека изјавата на Пандов дека во некои затвори половина од затворските полицајци се корумпирани е несреќна и навредлива.

„Вината не е кај вработените во затворскиот систем. Јас познавам, и од претходната и од актуелната власт, директори коишто комунницираат со притворени и осудени лица. Знаете како велат – рибата смрди од главата, а не од опашката“, вели Горан Ристески, претседател на Независниот синдикат на државна администрација и на синдикалната организација – Синдикат на затворска полиција и администрација.

„Претпоставувам дека понесен од се она што се случува, директорот Пандов гарантирам дека паушално ја дал изјавата. Затоа тој сепак, додека не дојде за директор, никогаш нема работено во јавна институција, посебно во една ваква сериозна институција како што се затворите. Верувам дека ќе се извини на еден поголем дел од затворските полицајци, затоа што не е така како што кажал“, вели Гоце Делчев Тодев, претседател на Самостојниот полициски синдикат.

Пандов обвини дека затворските полицајци му помагале на осуденитекот Жан Железарски да си најде дрогата префрлена преку оградата, но вработените реагираа дека токму директорот на затворот на тој затвореник му овозможувал посети надвор од работното време и вонредни пакети.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ФОТО)Прв трансексуален машки фудбалски тим на Куба го започна својот прв натпревар

Дејан Дејан

Втор ден од посетата на премиерот Мицкоски на ОАЕ

Дејан Дејан

Собраниска иницијатива за надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе