Повеќе лица се приведени, а со големата истрага за злоупотреби при набавки на мазут се опфатени и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски; сопствениците на РКМ чиј основач е приведениот Ратко Капушевски и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски (син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски).
Истрагата е насочена во три правци, првата е начинот на добивањето на јавните повици за набавка на мазут, распишани од ЕСМ, преку честото менување на тендерските услови за да се фаворизира понудувачот РКМ.
Се истражува и начинот на складирање, начинот на испорака и злоупотреби при овие фази од набавката на мазутот која беше во висина од повеќе десетици милиони евра. Овие наводи беа дел од новинарските истражувања на емисијата КОД на Телма за одвивање на јавните повици, како се пријавувале складишта кои не ги исполнувале условите распишани со јавниот повик.
КОД го откри и прикажа начинот на формирање на високата цена на транспорт на мазутот кој се плаќа исто така од буџетот, но и таканаречените полноќни испораки на мазут во ТЕЦ Неготино.
Цистерните мазут доаѓаа пред ТЕЦ во тек на попладне или навечер, најчесто во деновите кога цената на мазут се качуваше од Регулаторната комисија и потоа чекаа полноќ за да влезат во кругот на централата и да го источат дериватот по поскапа цена.
Вториот правец на истрагата е проверката како за јавниот повик е добиена банкарската гаранција за РКМ затоа што таа фирма немала доволен финансиски капацитет и не прикажувала високи приходи.
Се проверува кој учествувал во таа операција за банкарски гаранции и дали со тоа е поврзана и смената на сопственоста во РКМ, каде сопственик покрај Капушевски станува и Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во Пуцко и жител на Пласница. И Сулкоски е опфатен со истрагата. Претреси имало и во фирми кои се наоѓаат на Партизанска во Карпош, над бензинската на Окта, каде покрај фирми има и адреси на живеалишта на некои од осомничените.
Третиот правец на истрагата е утврдување каков квалитет бил мазутот кој се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми. Постојат сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут.
Дополнително се истражува дали цистерните испорачувале само мазут или биле дополнувани со вода после што не биле проверувани. Со истрагата се опфатени и неколку возачи.
КОД: Шемата фирми од Ахмети преку неговиот зет води до пратеникот Јахоски, но и до РКМ на Капушевски