Трговците ги доставија предлозите за намалување на цените до владата, до министерството за економија и до пазарниот инспекторат. Утре на седница ќе се разгледуваат. Од владата соопштија дека доставени се два предлога – едниот е за намалување на маржите, а другиот за спуштање на цените на одредени прехранбени и непрехранбени производи.
„На утрешната владина седница ќе се отвори дискусија, ќе се разгледаат и дополнителни можности и ќе се одлучува кои мерки ќе се преземат“, велат од Владата.
Според неофицијални информации, до Министерството за економија пристигнати се различни предлози од повеќе места и од дистрибутери, но и повеќе маркети испратиле листи со производи кои сметаат дека можат да ги поевтинат. Но, и покрај многуте варијанти, на седница на Влада ќе се разгледуваат само два предлога.
Телма вчера објави предлог листа со производи за кои трговците сметаат дека може да има поевтинување. На списокот се најдоа овошје, зеленчук, средства за хигиена, леб, урда, јајца, руски чај, сокови, пиво, вино и друго и да важи од средина на март до средина на април.
Но, според информациите од комората, оваа листа има промени, какви не откриваат. Очекуваат до крајот на неделава да има одлука.
Дел од експертите веќе се изјаснија дека ако трговците сакаат да поевтинат одредени производи тоа можат да го сторат веднаш. Не им се потреби ниту средби, ниту дозвола од некој. Дел од економистите сметаат дека мерките се базирале на претпоставки.
„Нема да има ефекти, затоа што владата сè уште ја нема утврдено структурата на цената. Владата треба да каже во еден производ кој чини 100 дена, еве каква е структурата, производителот зема 50 или 60 проценти, дистрибутерите толку, трговецот толку. Ние како граѓани и владата не ги знаеме и не ни се познати“, вели Глигор Ивановски, економски аналитичар.
Овие предлози дојдоа откако владата се реши да ги ограничи маржите на 10 отсто, но тоа не се случи, затоа што трговците и дистрибутерите од земјава побараа итна средба. Па, наместо мерки за високите цени, се отворија преговори. Комисијата за заштита на конкуренцијата, пак, сè уште ги разгледува договорите кои се склучени дали се во согласност со Законот за нефер трговија.
Проблемите со цените веќе подолго време се провлекуваат. Револтот стана поголем со новогодишната кошничка која се скрои со даден збор од сите вклучени во ланецот на трговија. Но, тогаш цените за едни производи минимално се намалија, а на други значително пораснаа.
Поради тоа граѓаните одлучија да одат на бојкот. И додека се чека како ќе се делува на скапотијата и од кога би стартувале мерките, статистика веќе измети нов раст на инфлацијата.
Ирена Чачкова