При секое излегување и враќање дома мора да се помине низ поплавена улица. Оваа слика стана секојдневие за жителите на неколку згради во Карпош 4. Веќе цела недела непрекинато истекува вода за пиење на улицата „Никола Парапунов“.
Водата тече по одреден пат ги има поплавено и соседните улици, а зад зградите влегува во отпадните шахти. Се губат големи количества вода. Граѓаните се разочарани, чекаат решение што поскоро.
„Скоро десетина дена е вака, ова веќе не се трпи. Јас не знам зошто е вака. Има ли некој да работи овде? Ова е голем проблем се прави цела поплава и оди по улицата надоле“, вели жител.
„Нонстоп тече вода, нема реакции од Водовод“, додава друг жител.
Дефектот е лоциран: затворач кој е врзан за главниот цевковод од каде со вода се снабдуваат две третини од граѓаните на главниот град. Од Водовод сметаат дека овој проблем се случува еднаш во половина век. Предупредуваат дека кога ќе почне поправката без вода ќе останат голем број домаќинства, вклучувајќи ги и болниците. Поставени се знаци за пренасочување на возилата. Одговорните од Водовод велат дека со денови бараат решение, нивните технички оперативни планови се завршени, но останува да ги договорат деталите. За тоа што и кога ќе се случува Водовод ќе извести во текот на денешниот ден или најдоцна викендов.
Тамара Марковска