По повеќе од 13 години граѓанска војна и стотици илјади жртви, режимот на Асад конечно колабираше. Офанзивата на бунтовниците која не траеше ниту две недели, успеа исклучително лесно да стигне до престолнината Дамаск затоа што силите лојални на сирискиот претседател се повлекуваа без борба.
Брзината со која колабираше неговиот режим ги изненади сите, затоа што ова не беше прв пат Асад да биде притиснат до работ и да се наоѓа во безизлезна ситуација. Но, ниту Русија, ниту Иран а најмалку пак Хезболах, овој пат беа во состојба да му помогнат.
Ова е втората независност и датумот 08.12 ќе остане бесмртен. Овој голем и славен ден е новиот Ден на независноста на Сирија, порача педијатарот саед калифех.
Руската авијација изминативе денови постојано ги бомбардираше позициите на бунтовниците, но сириската армија повеќе немаше стомак да се бори за Асад. Сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата, сирискиот претседател ја напушти земјата и доби азил од неговиот најголем сојузник, рускиот претседател Владимир Путин.
Нема предвидено состанок со претседателот. Засега немам што повеќе да ви кажам за тоа каде се наоѓа г. Асад. Секако, таквите одлуки не се донесуваат без шефот на државата. Тоа беше негова одлука, рече портпаролот на путин, дмитриј песков.
Според руските медиуми, Москва отворила дискусии со опозицијата во Сирија, за да се гарантира безбедноста на нејзините воени бази во земјата. Уште еден сојузник на Асад со загриженост ја следи ситуацијата во регионот, особено откако Израел вчера ја презеде контролата врз бафер зоната на Голанската висорамнина. Пред повеќе од една година, Иран беше највлијателната сила во регионот, но војната во Газа и израелската операција против Хезболах во Либан му нанесоа тежок удар на Техеран, кој беше главен спонзор на овие организации.
Ги следиме случувањата за да ги спречиме работите тоа што нѐ загрижуваат. Меѓу нив е и можноста од нова граѓанска војна помеѓу различните племиња, и да не даде Господ и распад на Сирија, или нејзин тотален колапс и претворање во засолниште за терористи. Иран е особено загрижен дека Ционистичкиот режим ќе ја злоупотреби ситуацијата, а одредени потези во таа насока видовме уште синоќа. Загрижени сме дека некои делови од Голанската висорамнина повторно ќе бидат окупирани, изјави иранскиот министер за надворешни работи Арас аргачи.
Турција, која од почетокот на арапската пролет застана на страната на опозицијата во Сирија, и самата воено интервенираше во земјата по граѓанската војна и вооружувањето на курдското малцинство.
Турција, која во тешките периоди им помагаше на сириските браќа, ќе остане на нивна страна сега кога се врти нова страница во Дамаск. Веруваме дека сирискиот народ ќе ја искористи оваа златна прилика, ќе спречи ИСИС и ПКК да ја искористат оваа ситуација и Сирија повеќе нема да биде засолниште за терористи. За таа цел, одлучно ќе продолжиме со нашите напори, рече турскиот министер за надворешни работи, хакан фидан.
Повеќе од половина милион лица загинаа во текот на граѓанската војна во Сирија, а околу 12 милиони ја напуштија земјата. Дел од нив, особено оние кои засолниште побараа во соседните земји започнаа да се враќаат во Сирија, надевајќи се дека по колапсот на режимот на Асад, земјата ја очекува подобра иднина.
Игор Трајков