Од Уставниот суд не сакаат да ги коментираат политичките реакции пред седницата за оценување на уставноста на Законот за јазиците. По бурните реакции, особено од опозициската ДУИ, од каде се заканија и со дестабилизација на државата, соопштија дека своето мислење ќе го кажат по завршувањето на седницата, закажана за 11 декември.
Епилогот е неизвесен, особено по најавите дека судиите Албанци, Осман Кадриу и Насер Ајдари нема да учествуваат на седницата. Кадриу во телевизиско интервју рече дека „за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер“. Со своето отсуство, тие ќе ја блокираат постапката за Законот за јазиците, затоа што Уставниот суд уште пред две години има донесено заклучок дека за секој предмет од посебно значење за граѓаните, како што е овој закон, Договорот од Преспа и Законот за електронски комуникации, треба да се одлучува со едногласно учество на сите девет судии.
Од опозициската ДУИ, пак, утрово повторно предупредија дека „секој обид за укинување на членови од Законот за употребата на јазиците е директен удар врз стабилноста и мирот на државата“.
Премиерот смирува, велејќи дека нема да дозволат нарушувања на стабилноста на државата. Вицепремиерот Изет Меџити, пак, ги обвини токму ДУИ поради новонастанатата ситуација. Според него, ова е чувствително прашање кон кое треба разумно да се пристапи.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски неодамна во интервју рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми. Најави и можност да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат на доработка во Собранието и усогласување врз основа на препораките на Венецијанската комисија во 2019 година.
Далиборка Демјанска Цветановска