Вести Македонија Топ вести

Наместо вода во Дојранското Езеро, залеани ливади и ниви – неуспешен обид за рестарт на хидросистемот „Ѓавато“

Наместо вода во Дојранското Езеро, залеани ливади и ниви. Неуспешен е обидот да се рестартира хидросистемот „Ѓавато“ и со него да се прави дотур на вода во езерото, кое во моментов е паднато на околу 80 сантиметри под нивото. Информацијата за Телма ја потврдија вработените во хидросистемот кои рекоа дека морале да ги запрат трите пумпи поради бројни дефекти на цевководот.

На новинарско прашање, зошто се пушта во функција системот кога не е во добра состојба и полн е со диви приклучоци, раководителот Јован Попов рече дека допрва ќе се следи каде протекува цевководот и колкави се штетите.

Министерот за животна средина Изет Меџити рече дека доколку реконструкцијата не е прескапа ќе се предвидат средства во буџетот за следната година и ќе почне замена на дотраените делови.

По објавената информација дека системот не функционира, пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, на својот Фејсбук профил објави фотографии за кои вели дека се доказ дека каналот што води до езерото намерно е затрупуван. Хидросистемот „Ѓавото“ не работи цели три години, беше исклучен од функција во екот на енергетската криза, бидејќи стасале сметки за електрична енергија во висина од околу 300.000 евра за еден месец. Тогаш министерката Шукова уверуваше дека ќе се пушти кога ќе има реална потреба за езерото, но пред тоа ќе мора да се санираат проблематичните места.

Хидросистемот не е обновуван од изградбата, цели 22 години. Почна да работи во 2002 година за спас на Дојранското Езеро, но низ годините вработените апелираа за нередовно одржување и кражба на делови од системот. Исто така, еден од најголемите проблеми се и диви приклучоци преку кои се испумпуваат големи количества вода кои наместо во езерото завршуваат во ниви, базени и оранжерии.

Државниот инспекторат за животна средина многупати досега го задолжуваше раководителот на хидросистемот, Јован Попов да се зафати со отстранување на дивите приклучоци на системот, но без забележителен успех.

Јован Попов е долги години на чело на хидросистемот „Ѓавото“ и е незаменлив функционер. На истата позиција е при промена на најмалку четири владеачки гарнитури, а го преживеа и скандалот што пред шест години го објави Телма, кога вработените пријавија дека тој канцеларијата си ја претворил во болничка соба и таму си живее, а тие се задолжени да го негуваат.

Сузана Мицева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ковачевски се уште недостапен за случајот „Адитив“, тендерот трипати поскап од пазарните цени

Дејан Дејан

Дефект на главна цевка ќе ги секне чешмите – две третини од Скопје ќе остане без вода за пиење

Дејан Дејан

Адвокатите се спротивставија во Управниот суд: Требало да се спроведе јавно гласање, а не само јавна седница за избор на директор на академијата за судии и јавни обвинители

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе