Женските ракометни тимови на Скопје и Гевгелија вчера предизвикаа огромен скандал и срам за македонскиот спорт. Двете екипи сакаа да го загубат натпреварот што се играше во рамки на полуфиналната група во Купот на Македонија, па си постигнуваа автоголови, правеа намерни грешки и шутираа неколку метри над или покрај противничкиот гол. Министерот за спорт Борко Ристовски најави сериозни санкции за двата тима.
Женскиот ракомет во Македонија оддамна не привлекува големо внимание, особено оној од домашните натпреварување се до вчерашната пресметка на Скопје и Гевгелија во рамки на полуфиналето во Купот во рамки на групата В. Двата тима очигледно не сакаа да победат, па правеа сè за да не постигнат гол, голманките се тргаа од голот па дури и си постигнуваа автоголови. Токму поради овие немили сцени јавноста остана вчудоневидена од она што можеше да го види на стримот на Ракометната федерација на Македонија.
Заради непрофесионалното и неспортско однесување на двете екипи, министерот за спорт најави дека ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија ќе останат без право за вршење дејност спорт.
„На двата клуба кои што го направија тоа, уште во понеделник ќе им биде одземено правото за вршење дејност спорт и веќе не ќе можат да се натпреваруваат во македонскиот шампионат во женска конкуренција. Ќе направиме итен состанок и со Ракометната федерација на Македонија за еднаш засекогаш да го ставиме под контрола ваковиот тип на немили настани и грубо кршење на спортските правила на игра. Државата, јавниот интерес, редот и законот мора да бидат пред сѐ и над секого“, рече Ристовски во интервју за „Сител“.
На крајот натпреварот заврши со резултат 17-16 за ЖРК Гевгелија.