Недостатокот на финансиски, но и човечки ресурси во институциите се основните предизвици со коишто се соочуваат тимовите кои секојдневно постапуваат во случаи на семејно насилство. Се усвојуваат закони и стратегии за превенција и заштита на жртвите, но не се создадени доволно услови за нивно заживување во пракса, сметаат од невладиното Здружение ЕСЕ, кое повеќе од 20 години работи на ова поле. Треба повеќе да се работи на подобрување на граѓанско правна заштита од семејно насилство, беше заклучокот на Форумот на кој учествуваа практичари од Тетово, Гостивар и Кичево.
„Значи едукацијата на практичарите, недоволната координираност, сѐ уште отсуствува систем за собирање на податоци кој ќе ни овозможи воочување на трендови и планирање на мерките во политиките и законите, соодветно на потребите, согласно фактичката состојба на жените, но и согласно потребите на институциите, блага казнена политика кон сторителите на семејно насилство… се ова се системски недостатоци кои неопходно е да бидат решени за да може да се подобри заштитата на жените кои што претрпеле семејно насилство“ – вели Стојан Мишев, Здружение ЕСЕ
Заедничката соработка на сите институции е клучна за заштита на жртвата на семејно насилство, но проблемите со кои се соочува таа продолжуваат и потоа, особено од финанскиски аспект, вели социјалната работничка Драгица Наумовска.
„Центарот за социјална работа го носи најголемиот терет во целата таа постапка како предлагачи пред судот за изрекување на мерките за заштита, до самите спроведување и реализација, пратење на мерките што ќе ги изрече судот и дали реално тие мерки ќе може да се спроведат во пракса. Жртвите се соочуваат со големи проблеми, значи од економски, станбено од материјален аспект. Материјалната состојба што можеме да ја дадеме во моментот се само одредена сума на пари како еднократна помош која се уште го законот стои како сума од 15 000 денари за жртви од семејно насилство, што мислам дека е минимална, поготово момент кога ќе се наоѓа жртвата во целата таа состојба на разделба и прекин на заедницата“ – вели Драгица Наумовска, социјален работник во Центар за социјална работа Кичево
Според статистиките бројот на пријавени случаи на семејно насилство е во пораст.
ДАНИЈЕЛА БИЛБЛОСКА