Скопската населба Чаир синоќа повторно беше сведок на уште една престрелка. Овој пат со лица поврзани со криминалните групи кои владеат со подземјето во главниот град. Според сознанијата на Телма, лицето кое наводно пукало е дел од групата Барон, а повредениот е роднина на припадник на кланот Грчец, кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница.
Повреденото лице, 35 годишниот Е.А. со прострелна рана во ногата вчера околу 18:10 часот бил донесен во поранешната градска болница.
„Повредениот бил донесен од неговиот брат, кој појаснил дека додека Е.А. се движел пеш по ул. „Христијан Тодоровски- Карпош“ во Скопје му се приближило едно лице, кое пукало во ногата, најверојатно поради должничко-доверителски односи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Повредениот е роднина на Исмаил Рогачи по кој полицијата трага од пред четири години кога беше спроведена акцијата „Планина“. Тогаш беа уапсени 21 лице за трговија со дрога, но наркобосовите избегаа.
Телма дознава дека лицето кое наводно пукало е Јусуфи Аќифи, кој веќе е вратен зад решетки во Идризово и на кого полицијата му земала парафински ракавици за проверка на барутни честички од евентуално пукање. Но, повредениот 35 годишник, кој е надвор од животна опасност не го посочил ова лице како извршител на нападот.
Аќифи имал дозвола за работен ангажман надвор од затворот во Идризово. Преку ден излегувал и работел во Скопје, а навечер се враќал зад решетки.
Инаку КОД веќе пишуваше дека Аќифи е сопственик на кафулето „Барон“ во Чаир и дека може да се види на фотографии со лидерот на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте кој исто така отслужува затворска казна.
Во февруари годинава имаше пожар во кафулето „Барон“, кој според видеото кое тогаш го доби Телма се гледаше дека е подметнат, а тоа го потврди и полицијата.
Пред десетина дена во Чаир имаше уште едно пукање и оружен напад. Од СДСМ реагираа дека секојдневните крвави инциденти и пукања се потврда за сериозно влошена безбедност на улиците и ја покажуваат целосната неспособност на МВР.
Марија Митевска