Во владата нема расположение за затворена седница за евроинтегративниот процес, како што побара претседателот на СДСМ. Сметаат дека беа доволно години на власт, за да го решат овој проблем, а сега треба да ги остават нив, сами да ги планираат натамошните потези.
Деновиве ниту премиерот не покажа ентузијазам за предлогот, кусо велејќи дека „мора и Венко Филипче нешто да каже“. Што се однесува до ДУИ, тие имаат свои позиции и барања, но не ја отфрлаат ниту таа можност.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го повика премиерот да свика затворена седница на која ВМРО-ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство, треба да појаснат дали имаат план за продолжување на евроинтеграцискиот процес и каков е тој? – Доколку не го стори тоа, најави дека седницата ќе ја иницира пратеничката група.
Ваквиот потег на опозицијата доаѓа по одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ, Албанија на 15 октомври да ги започне преговорите по Кластерот 1 – „Основни вредности“ со што преминува во наредна фаза од преговарачкиот процес за членство во Унијата и се раздвојува од Македонија на европскиот пат.
До надминување на пречките за почеток на преговорите по поглавја, од Македонија се очекува да работи на спроведување на реформската агенда, а еден од нејзините главни предизвици е справувањето со корупцијата. Но, дури и ако успешно ги исполни сите свои цели, државата ќе може да напредува на европскиот пат само ако ги реши проблемите со Бугарија.
Далиборка Демјанска Цветановска