Вечерва почнува 32-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Четириесет и пет актери се во официјална конкуренција за единствената награда за високи актерски достигнувања „Ристо Шишков“ која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во висина од 1.500 евра. Селектор на фестивалот е Љупчо Ѓоргиевски. Организаторите велат декапреобладуваат домашни претстави поради ограничен буџет.
Фестивалот го отвора претствата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски и изведба на струмичкиот театар „Антон Панов“. Оваа претстава доби три награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, за најдобра претстава, за најдобра машка улога и за најдобра епизодна женска улога.
Фестивалот ќе трае до 13 септември, а во рамки на офф програмата ќе има промоција на списанието за култура и уметност „СУМ“, со разговор на тема „Благој Стефановски-лик и дело“.