Вести Македонија Свет Топ вести

Телеграм- алатка на слободата или инструмент на дезинформации и организиран криминал, како апсењето на Дуров го врати стравот за темница на слободното информирање

На почетокот на 2020-тата година, додека Македонија се подготвуваше за избори, а корона пандемијата чекаше на аголот, во државата одекна скандалот со групата Јавна соба. На апликацијата Телеграм под тоа име постоеше група на над 7 илјади корисници на апликацијата кои здружено објавуваа фотографии од жени и девојки, а често беше споделувана и порнографска содржина.

Откако се прочу за скандалозната групација која преку слободната апликација Телеграм објавува одмазднички пораки, видеа и фотографии од поранешни партнерки со што масовно ја нарушува приватноста на стотици жени и девојки од Македонија, креаторите на групата ја затворија. Една година подоцна имаше уште еден сличен обид кој по интервенција на МВР беше затворен од апликацијата Телеграм.

Во 2021-ва тогашните премиер Зоран Заев и министер за внатрешни работи Оливер Спасосвки се закануваа дека ако не ја затворат групата Јавна Соба, апликацијата Телеграм ќе биде забранета за користење во државата. Иако таа идеја е речиси невозможна за реализација, двата случаи Јавна соба беа еден вид одскочна штица за да и во Македонија се дознае повеќе за Телеграм.

Брза, ефикасна, со лесно отварање на кориснички профили, без многу регулација, со целосна заштита на податоците кои никако не „смееја“ да паднат во рацете на државни институции и истражни органи. Накратко тој рецепт за социјална мрежа односна апликација за комуникација беше смислен и направен од Павел Дуров, руски информатички претприемач кој ја создал мрежата за да овозможи проток на информации на луѓето кое не мислат исто со автократските власти во државите од поранешниот Советски Сојуз.

Историја на белото хартиено авионче

Денеска Дуров кој замина од Русија пред една деценија поради своите идеи и технолошки иновации погодни за источниот дел од Европа, настрада во демократскиот дел на стариот континент, во Париз, во Франција.

Уапсен е поради сомнежи дека не преземал ништо за содржините кои се ширеле низ неговиот изум, Телеграм, а се однесувале на прекршоци поврзани со измама, трговија со дрога, кибер-малтретирање, организиран криминал и пропагирање тероризам. Засега тоа се неофицијални информации кои се објавени а француските медиуми.

Павел Дуров ја основа апликацијата Телеграм во 2013-та година. Главен симбол на Телеграм беше хартиено авионче, детска играчка која често се користи за пренесување на пораки. Хартијата добива форма на летало и може да лета со информацијата до оној до кој му е наменета, директно без посредници. Белото авионче на сина подлога брзо стана икона која често се наоѓа на смартфоните во Русија, но и во други држави на поранешниот Советски Сојуз.

Една година подоцна ја напушти Русија откако одби да попушти пред барањата на властите во Москва да ги исклучи опозициските групи од неговата социјална платформа ВКонтакте, што претходно ја основа и во меѓувреме ја продаде.

Замина во западниот, слободен свет. Доби државјанство на Франција, потоа и државјанство на Обединетите Арапски Емирати. Незадоволен од бирократките процедури, главната канцеларија и седиштето на Телеграм го пресели од Европа во Дубаи.

Во 2018-тата имаше уште еден проблем со татковината Русија поради неговите иновации, особено содржината на Телеграм. Но опстана на принципот на Телеграм дека нема да ја регулира или проверува содржината која ја споделуваат корисниците на апликацијата нитуи пак да дава податоци за корисниците на државните институции. Телеграм беше забранет во Русија се до 2021-ва година.

Реакции по слетувањето на „белото авионче’

По неговото апсење денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Телеграм објави пост во кој прашува дали западните невладини организации за човекови права ќе молчат за апсењето Дуров, откако претходно остро ја критикуваа одлуката на Русија да „создаде пречки“ за работата на Телеграм во 2018-та година.

Но, не само руски функционери го осудија апсењето на Дуров. На нив им се приклучи и Илон Маск, сопственик на социјалната мрежа Х (која ја купи додека беше Твитер). Побара слобода за Павел, а западната демократска Европа, Маск ја почести со сочен твит (иако самиот со смена на името на популарниот Твитер, го избриша зборот од дигиталниот речник).

„Во Европа е 2030 година и те погубуваат затоа што лајкуваш меме“, напиша Маск како поддршка за Дуров и силна критика за според него технолошката темнина која се појавува.

Сличен став има уште еден американец, тв-водителот Карлсон Такер кој пред неколку месеци успеа да направи интервју со Павел Дуров откако „таткото“ на Телеграм цели 7 години апстинираше од интервјуа. Такер кој веќе беше отпуштен од ФоксЊуз сега има сопствена информативна платформа, а на интервјуто Дуров посочи дека најголеми непријатели на Телеграм не се владите туку огромните американски корпорации Google и Apple.

Дуров тврдеше дека притисокот од нив доаѓа затоа што не се согласил Телеграм да работи по нивните принципи за соработка со надлежни органи и регулација на содржината. Денеска, по неговото апсење, Такер Карлсон упати уште една „боцка“ за Европа. Потсети дека Путин не го уапсил Дуров, туку дека Макрон го сторил тоа.

Големиот раст по нападот врз Украина и украински одговор

Апликацијата Телеграм има над 900 милиони профили низ целиот свет и „опасно“ е блиску до првата милијарда како бројка на корисници кои ја избрале за да комуницираат меѓу себе. Популарноста на Телеграм особено скокна по 24-ти февруари 2022-ра, по почетокот на руската агресија врз Украина. Телеграм се користеше активно и од украинските надлежни институции и од руските воени единици и министерства- затоа што едноставно речиси сите до кои треба да дојде определена официјална информација едноставно беа на Телеграм.

Но, апликацијата се користеше и за други работи, промоција и слободно проширување на дезинформации кои имаа за цел да предизвикаат паника меѓу населението и војската на спротивната страна на фронтот.

Во првото големо интервју по седум години медиумско бегство, на 17-ти април оваа година Дуров го уверуваше американскиот водител Такер Карлсон, но и светот дека целта на Телеграм е да биде „неутрална платформа“, а не „играч во геополитиката“.

Сепак, критичарите во Украина се загрижени дека апликацијата шири дезинформации и ги олеснува нелегалните активности на противниците на Киев. Обвинувањата одат дотаму дека Телеграм има врски со руската држава и дека придонесува во нејзините воени напори. Украинскиот парламент поднесе нацрт-закон со цел да се регулира работењето на платформата.

Постоеја и дополнителни обвинувања дека Телеграм поради своите принципи и правила на делување (заштита на податоците на корисниците и нерегулирање на содржината) овозможува непречено ширење на педофилски групи и кибер-булинг, но претставува и успешна алатка на организираниот криминал.

Сите овие напади се причина за неговото апсење во Франција, а судот ќе треба да ги разгледа доказите кои се против него и да одлучи дали Дуров е виновен за последиците од нговиот изум или нападот врз неговиот изум ќе предизвика нови сенки врз слободната комуникација и слободното ширење на идеи и ставоци.

Миомир Серафиновиќ

Уапсен Павел Дуров, основачот на Телеграм

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Големи протести во Белград

Дејан Дејан

Променливо облачно со сонце и локална нестабилност – Временска прогноза за 16.3.2025

Дејан Дејан

Со пасат се судрил со полициски голф, повредени 4-ца полицајци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе