Изненаден блицкриг на украинските сили во рускиот регион Курск веќе трет ден ги става на тест одбрамбените способности на Русија во јужните погранични делови. Украинците тврдат дека напредуваат со голема брзина како и дека веќе навлегле 10 километри на руска територија.
Додека Украина молчи за своите акции портпаролот на ЕК, Петар Стано, порача дека блокот верува дека Украина „има право да го погоди непријателот секаде каде што смета дека е потребно.
Сметаме дека Украина води легитимна одбранбена војна против илегална агресија и во рамките на овие легитимни права да се брани, Украина има право да го погоди непријателот секаде каде што ќе најде неопходно на нејзината територија, но и на територијата на непријателот, изјави Петер Стано, портпарол на Европската комисија.
Украинските сили го нападнаа рускиот југозападен регион Курск во вторникот наутро, распоредувајќи приближно 1.000 војници и десетици оклопни возила и тенкови.
Руските власти наредија итна евакуација на населението и го обвинија Киев за „провокација од големи размери“ за што како што порачаа Украина ќе плати висока цена. Ги повика локалните жители да даруваат крв поради интензивните борби.
Борбите од границите веќе влегоа во нашите села, раскажува жител на областа.
Обезбедуваме основни работи, средства за чистење, вода, генератори – се што е потребно денес за жителите кои се принудени да се преселат во центрите за привремено сместување, за да им биде повеќе или помалку удобно, изјави Леонид Музалевски, член на огранок на Ориол на партијата Обединета Русија.
Рускиот енергетски гигант Газпром објави дека за сега ќе продолжи да испорачува гас преку станица во Суџ, последната транзитна точка за рускиот гас што оди во Европа преку Украина.
Целите на Киев за сега остануваат нејасни но дел од аналитичарите сметаат дека украинските сили сакаат да стигнат до блиската нуклеарна централа и да ја заземат, за потоа да може да преговараат за размена со нуклеарката во Запорожје која ја зазедоа руските сили од Украина на почетокот од војната.
Советникот на администрацијата на Киев, Михаило Подољак истакна дека украинската офанзива е последица на агресијата која Москва ја спроведува во Украина од 2022 година.
Ставот на Соединетите Американски држави е дека Украина има право да се брани и да презема реципрочни мерки што на некој начин е давање зелено светло за украинската „специјална операција“.
Александар Петрески