Кумановското обвинителство соопшти дека е отворена истрага за двојното убиство во Кратово. Осомничената жена претходно била тепана од сопругот кој почнал да ја дави. Откако успеала да избега во кујната, зела нож со кој ги прободела сопругот и свекорот.
Соопштение на обвинителството:
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36 – годишна жителка на Кратово, осомничена дека сторила кривичнo делo – Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место.
По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената.