Академијата за судии и јавни обвинители повторно поднесе тужба пред Управниот суд против одлуката на Антикорупциската комисија да запре процесот за селекција и тестирање на кандидати за слушатели во Академијата во време на предизборниот процес. Управниот суд сега има рок од 48 часа да донесе одлука.
По приговор на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, Антикорупционерите на 11 април донесоа одлука дека треба да запре тестирањето на кандидати во Академијата во предизборниот период. Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба против одлуката, па Управниот суд два дена подоцна ја поништи одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата и го врати предметот на повторно одлучување.
Антикорупциската во петокот повторно донесе иста одлука – процесот да запре. Во Академијата за судии и јавни обвинители очекуваат Управниот суд сега да пресече за да не продолжи пинг-понгот со носење на одлуки, поништување, па повторно носење исти.
Државната комисија смета дека во предизборниот период не смее да трае постапката за приeм на слушатели во работен однос, затоа што така се прекршува Изборниот законик. Во академијата велат дека не се работи за оглас за вработување, туку за упис на кандидати во едукативна установа.
Јавниот оглас за прием на 130 слушатели во деветтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители беше распишан во јануари минатата година, по што почна процесот на селекција, но имаше застој поради законски измени. Се пријавија околу 500 кандидати, но во досегашните фази на тестирање половината отпаднаа, па сега има уште 276 кандидати. Наредно тестирање е предвидено да се одржи на 26,27 и 28 април.
Срѓан Стојанчов